Со изложбата „Пикасо: сликата на музејот“, Амбасадата на Шпанија и Музејот на современата уметност – Скопје вечерва ја истакнаа моќта на културата да поврзува народи, да ја чува колективната меморија и да создава нови можности за соработка.
По повод Националниот ден на Шпанија и 20-годишнината од отворањето на Амбасадата на Шпанија во Скопје, вечерва во Музејот на современата уметност – Скопје беше отворена изложбата „Пикасо: сликата на музејот. Избор на дела од колекцијата на МСУ-Скопје“. Изложбата е резултат на соработката меѓу Амбасадата на Шпанија и МСУ-Скопје и претставува значаен придонес кон културната размена и зајакнувањето на врските меѓу двете земји.
Во обраќањето по повод јубилејот, амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија Рафаел Сориано Ортиз ја истакна важноста на културната дипломатија во градењето меѓусебно разбирање и пријателство, нагласувајќи дека во изминатите две децении двете земји развиле билатерални односи засновани на доверба, политички дијалог и продлабочена соработка.

„На овој прием во Музејот на современа уметност во Скопје, сакавме културната дипломатија повторно да биде клучен елемент во обликувањето на имиџот на Шпанија во Северна Македонија“, истакна амбасадорот, посочувајќи ја изложбата како еден од централните моменти на одбележувањето.
Во фокусот на поставката е делото „Глава на жена“ од Пабло Пикасо, едно од најзначајните дела во колекцијата на МСУ-Скопје. Преку три кураторски целини, изложбата ја истражува неговата улога како симбол на институцијата, како сведоштво за меѓународната солидарност по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и како појдовна точка за дијалог со модерните и современите уметници чии дела се дел од музејската колекција.

Амбасадорот посебно го нагласи значењето на Пикасо како уметник чие творештво ги надминува националните и културните граници.
„Пабло Руиз Пикасо совршено го отелотворува она што го кажав на почетокот од ова дело. Длабоко шпански уметник со универзална вокација, револуционер на современата уметност. Оваа слика, која ретко се изложува во Скопје, е придружена со избор на дела од други уметници кои се очигледно под влијание на големиот шпански уметник“, рече тој, осврнувајќи се на универзалната димензија на неговото творештво.

Покрај значењето на Пикасо за шпанската и светската уметност, изложбата потсетува и на посебната историја на МСУ-Скопје. Музејот е создаден во контекст на меѓународната солидарност што следеше по земјотресот во 1963 година, кога поддршката од меѓународната заедница придонесе за изградба на нов културен простор за Скопје. Токму ова наследство ја прави изложбата повеќе од презентација на уметнички дела – таа е и потсетник на значењето на солидарноста, соработката и културната поврзаност.

Осврнувајќи се на билатералните односи, амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз посочи дека во изминатите 20 години се развиле врски што ги надминуваат политичките контакти и се прошируваат кон економијата, образованието и културата. Тој ги спомена и директните авиолинии меѓу Скопје и Барселона и Мадрид, како и зголемениот интерес за изучување на шпанскиот јазик, како можности за поголемо меѓусебно запознавање на граѓаните.
„Интересот за шпанскиот јазик како јазик на меѓународна комуникација расте кај студентите и професионалците во вашата земја, а културните и образовните размени ни овозможуваат да потврдиме дека нашите две земји се поблиски од кога било“, истакна меѓудругото амбасадорот.
Како што порача вечерва, одбележувањето на 20-годишнината од отворањето на Амбасадата на Шпанија во Скопје е можност за осврт на постигнатото, но и за размислување за идната соработка.
Тој исто така додаде и дека Шпанија е и ќе остане цврст застапник за проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан.
-Ова не е прашање на избор, туку на признавање на природниот простор што им припаѓа на земјите од тој регион. Северна Македонија е Европа. Вашата земја припаѓа на европското семејство, на нејзината историја и на нејзините вредности. Најдобрата можна иднина за младите луѓе од вашата земја несомнено е поврзана со нејзиниот влез во Европската Унија, потенцираше амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Фото: П.Стојановски












