8 Март во сенка на семејното насилство, домовите стануваат бојни полиња, институциите доцнат
| Денот на жената, 8 Март, годинава има горчлив вкус. Полициските билтени се полни со пријави, а не е мал бројот на малтретираните жени кои, од свои причини, сè уште молчат за пеколот низ кој минуваат. За само три месеци, три жртви на семејно насилство. По трагедијата во Тафталиџе, вчера одекна веста дека татко на три ќерки, двапати во една недела, им се заканувал со пиштол дома, во населбата Кисела Вода. Педесет и петгодишниот маж ги нишанел децата и жената, а еднаш испукал во прозорецот. На социјалните мрежи, во групите за правни совети, жени сведочат за тоа како социјалните работници преку ноќ менуваат решение и дозволуваат контакт со родителот насилник. „Го живеам пеколот сама, се борам задолжена до гуша, а одговорот на службите е дека морале да имаат контакт со него, нивната психичка состојба никој не ја гледа“, ја споделува својата судбина една жена. Адвокатите со кои разговараше весникот ВЕЧЕР, велат дека Законот за превенција од семејно насилство ги има предвидено сите мерки на заштита на жртвата, но проблемот е во ЦСР и МВР бидејќи не го применуваат |
Поттикнати од трагедијата на Ивана и нејзината ќерка и непостапувањето на надлежните, сè повеќе жени се охрабруваат и јавно пишуваат на социјалните мрежи за претрпеното семејно насилство и за лошото искуство со социјалните работници. Во меѓувреме, полициските билтени се полнат со насилство во домот, местото што треба да биде здрава средина и каде што треба да растат нашите потомства.
Татко на три ќерки, двапати во една недела, им се заканувал со пиштол дома, во населбата Кисела Вода. 55-годишниот маж ги нишанел децата и жената, а еднаш испукал во прозорецот.
„Потоа отишол кај 24 и 18-годишната ќерка, им се заканувал и физички ја нападнал 24-годишната ќерка. Како што е пријавено, насилното однесување го повторил околу 22:30 часот на 05.03.2026, при што повторно ѝ се заканувал на сопругата со пиштол, но бил спречен од ќерките да го употреби. Б. С. е задржан во полициска станица и против него ќе биде поднесена пријава, стои во полициската информација
Ова е едно од малкуте семејства кое можеби ќе ја има таа среќа институциите да го почитуваат Законот за превенција од семејното насилство и да ги изолираат од насилниот сопруг и татко. За жал, пријавите против Стојанче Јовановски не беа доволни тој да биде отстранет од домот, а институционалниот молк доведе до кобната одлука на сопругата. Јавното обвинителство, по допрен глас, отвори предмет и ќе испитува кривична одговорност во Центарот за социјални работи за случајот Ивана.
„Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе дејства на проверки за да испита дали со овие неправилности се исполнети елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, известија од ЈО.
Адвокатите со кои разговараше нашата редакција велат дека Законот за превенција од семејно насилство ги има предвидено сите мерки на заштита на жртвата, но проблемот е во ЦСР и МВР бидејќи не го применуваат.
На социјалните мрежи, на групите за правни совети, жени сведочат за тоа како социјалните работници преку ноќ менуваат решение и дозволуваат контакт со родителот насилник.
„Го живеам пеколот сама, се борам задолжена до гуша, а одговорот на службите е дека морале да имаат контакт со него, нивната психичка состојба никој не ја гледа“, една жена ја споделува својата судбина.
Адвокатката Весна Тренкоска, која и сама во минатото била жртва на семејно насилство, а денеска застапува жени жртви, вели дека ЦСР и МВР не ја користат законската можност да побараат отстранување на насилникот од домот.
„ Центарот има обврска во рок од 12 часа од пријавата за насилство да поведе постапка и да ја сослуша жртвата, а доколку МВР процени дека постои животна опасност за жената и децата, може да го отстрани од домот, преку барање од судот за времена мерка од 10 до 30 дена, а тоа го може и без согласност од жртвата. Во тој рок, жената има право на шелтер, може да оди кај семејството, да добие еднократна парична помош за кирија – Законот го предвидува сето ова, но во практиката не се спроведува, вели Тренкоска
Таа вели дека соработката на Социјалното со жртвите е најслабата алка во системот. Понекогаш, жената жртва мора да сведочи во просторија каде што има полно вработени, а односот кон неа речиси секогаш е понижувачки.
„Имав случај кога социјалните работници си играле карти во просторијата, а на моменти, од изјавата на жртвата, превртувале со очите“, раскажува Тренкоска.
„Кога жена ќе се јави да пријави проблем, ЦСР и МВР треба веднаш да постапат и не само тоа, да покажат емпатија, дека тие се тука за неа и оти таа со нив ќе се чувствува сигурно. За жал, тоа жртвите не го добиваат. Еве, на пример, кога жртвата оди во Центарот, таа не влегува во посебно изолирана просторија, собата е тесна, бетер е од самица, има формулари да пополни. Едвај чекаат да заокружи дека не сака психолог. Тие, социјалните работници, треба да проценат дали ѝ треба, а не жртвата сама да одлучува. Треба да имаат и лекар, но нема, жртвата, целата психички и физички падната, треба да оди од едно место на друго и да собира докази за постапката, објаснува Тренкоска за весникот ВЕЧЕР и нагласува дека ако, пак, се работи за дете, тие мора со сите можни мерки што им се на располагање да го заштитат – да го ограничат гледањето со таткото, без разлика дали жената се согласува со тоа.
Министерот за внатрешни работи уште еднаш повтори дека еден од најголемите проблеми е кога жртвата сама ја повлекува пријавата.
„Ќе се координираме да најдеме решение системот да одговори 24/7 не само од аспект на МВР туку од аспект на Центарот за социјални работи, од аспект на Јавно обвинителство, од аспект на Кривичен суд, на невладини организации, од аспект на поддршка на жртвите, можам да кажам и од аспект на секој македонски граѓанин кој ќе констатира фактичка состојба каде што имаме потенцијално семејно насилство, да ја информира македонската полиција. Ја уверувам јавноста дека секој полицаец ќе даде максимум од себе за спречување на какво било насилство, особено насилство на малолетни деца, како и дека има многу чекори што треба да се подобрат, вети министерот на состанокот со институциите по алармантната состојба со семејното насилство во земјава.
„На полицајците и на социјалните работници им е најлесно да речат, ајде смирете се. Со повлекување на пријавите тепањето нема да сопре, само ќе се засили“, вели Тренкоска за ВЕЧЕР.
„Но, верувам дека жените се храбри, дел одат во шелтер-центрите и по неколку месеци застануваат на нозе, иако условите таму се минимални, размислуваат што понатаму во животот“, вели адвокатката.
Бројката од дури 4 жртви од почетокот на годинава поттикнати од семејно насилство ја натера претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, да ги праша народните избраници зошто институциите често не реагираат на предупредувачките сигнали и зошто, наместо да се санкционираат оние што не ги применуваат законите, постојано се менуваат законските решенија?
Најчесто, кривичните дела за семејно насилство завршуваат со условна осуда. Никој од надлежните не проверува дали мерките и забраните се почитуваат од насилникот. Впрочем тоа се покажа од многуте случаи кои имаат име – Ивана, Росица, Танкица.
(П. А.)
Скопјанец приведен за физички напад, обљуба и закани кон 22-годишна жена
Лишен од слобода е 25-годишник од Скопје, под сомнение дека извршил физички напад, обљуба и закани кон девојка со која претходно се запознал, соопшти полицијата.
МВР информира дека, завчера, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е. А. (25) од Скопско, по претходна пријава дека на 23.02.2026, во неговиот дом, физички нападнал 22-годишна жена со која претходно се запознале, а која пристигнала од Германија.
– Тој извршил и обљуба, упатувал закани, а исто така, во периодот додека била во неговиот дом не ѝ дозволувал да излезе сама и ѝ го зел нејзиниот мобилен телефон, а на 04.03.2026 таа успеала да ѝ се јави на мајка си, која алармирала во полиција. Полицијата пристигнала на посочената адреса и со направена процена на ризик постапила – се наведува во информацијата.
За настанот е известен и јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.












