понеделник, септември 21, 2026
Дома МАГАЗИН Речиси еден од тројца жители во Јапонија има над 65 години

Речиси еден од тројца жители во Јапонија има над 65 години

25
Фото:прекселс

Уделот на јапонското население на возраст од 65 години и повеќе достигна рекордно ниво од 29,6 отсто, додека бројот на вработени постари лица е исто така на историски максимум, покажуваат податоците на јапонското Министерство за внатрешни работи.

Министерството ги објави податоците пред Денот на почит кон постарите лица, кој во Јапонија се одбележува утре, понеделник, 21 септември, пренесува NHK.

Проценките покажуваат дека на 15 септември во Јапонија живееле 36,24 милиони луѓе на возраст од 65 години и повеќе, што претставува зголемување од околу 20.000 во споредба со претходната година.

Во оваа група спаѓале 15,71 милион мажи и 20,54 милиони жени.

Лицата на возраст од 65 години и повеќе сочинуваат рекордни 29,6 отсто од вкупното население, што е зголемување за 0,2 процентни поени во однос на претходната година.

Тие претставуваат 26,3 отсто од вкупното машко население и 32,6 отсто од женското население.

Според проекциите на Обединетите нации, Јапонија има најголем удел на постари лица меѓу 39-те земји со население поголемо од 40 милиони.

Посебно истражување на јапонското Министерство покажува дека бројот на вработени лица на возраст од 65 години и повеќе минатата година достигнал рекордни 9,43 милиони, што е зголемување за 130.000 во однос на претходната година.

Стапката на вработеност за оваа возрасна група изнесувала 26 отсто, што претставува зголемување од 0,3 процентни поени. Стапката на вработеност изнесувала 54,5 отсто кај луѓето на возраст од 65 до 69 години, 36,2 отсто кај оние на возраст од 70 до 74 години и 12,6 отсто кај оние над 75 години – сите овие се рекордни вредности.

Министерството забележува дека бројот на вработени постари лица би можел и понатаму да расте, бидејќи одредени индустрии се соочуваат со недостиг на работна сила поради намалувањето на бројот на населението. Според податоците на Националниот институт за истражување на населението и социјалната сигурност (IPSS), се очекува бројот на постари лица во Јапонија да се зголеми на 39,4 милиони до 2045 година, што ќе претставува 36,3 отсто од вкупното население.

Јапонија е на првото место во светот според уделот на населението на возраст од 65 години и повеќе – категорија дефинирана како „стари лица“ – додека Италија е втора со 25,6 отсто, а Германија трета со 24,2 отсто.

Растечкиот број на стари лица претставува предизвик за Јапонија во однос на развојот на националниот здравствен систем, зголемувањето на наталитетот и развојот на регионалните заедници.

ИЗДВОЕНИ