Законските измени кои Владата ги образложува како дел од усогласувањето со европското законодавство се најдоа под силна критика од опозициската Левица, еколошките организации и Младите правници. Главните забелешки се однесуваат на можноста за повторно доближување на тешката индустрија до населени места, слабеењето на механизмите за справување со контаминирани локации и намалувањето на просторот за јавен и институционален надзор

Измените на Законот за животната средина денеска беа разгледувани на собраниска седница, откако Владата, како предлагач, ги стави во постапка со европско знаменце, со што законските измени се носат по скратена постапка. Пратеничката група на Левица побара оваа точка да биде тргната од дневниот ред, оценувајќи дека предложените измени го намалуваат нивото на заштита на животната средина и можат да имаат директни последици врз здравјето на граѓаните. Предлогот, сепак, не беше прифатен. Предложените измени на Законот добија по 8 гласа „ЗА“ во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија. Пратениците од комисиите го квалификуваа законот како „прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ“ и препорачаа „да се даде на натамошно читање“. Ниту еден пратеник од овие комисии не гласаше против или воздржан.

Пратеничката Јована Мојсоска во собраниската сала предупреди дека со измените повторно се отвора можноста за реконструкција и функционирање на тешка загадувачка индустрија во непосредна близина на населени места. Според неа, особено проблематично е бришењето на одредбата со која се забранува изградба и реконструкција на инсталации од тешка загадувачка „Г1“ индустрија на растојание помало од пет километри од населено место.

На истата седница, пратеникот од Левица Сашко Јанчев посочи на три клучни проблеми во предложениот закон. Според него, со измените се враќаат назад дел од механизмите за заштита на животната средина воспоставени во 2022 година, а со тоа се создава можност постојни загадувачки капацитети повторно да се реконструираат и прошируваат на растојание помало од пет километри од населени места. Според него, проблемот не е само во тоа дали одредена индустрија формално ги исполнува условите за работа туку и во тоа што со законските измени се овозможува продолжување на животот на капацитети кои претставуваат долгорочен ризик за околината. Вториот проблем што го нагласи Јанчев се однесува на контаминираните индустриски локации, односно таканаречените „еколошки жешки точки“. Во земјата се идентификувани повеќе вакви локации, меѓу кои ОХИС, „Макстил“, РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, МХК „Злетово“, „Југохром“ и „Лојане“. Тој смета дека тоа може да значи укинување на важна законска рамка за справување со загадените локации. Како особено ризични ги посочи „Југохром“, каде што постои проблем со шестовалентен хром, и Лојане, каде што се наоѓаат големи количества јаловина со арсен и антимон.

На можните последици од бришењето на овие законски одредби предупреди и Македонското здружение на млади правници. Пред собраниската седница, здружението испрати писмо до координаторите на пратеничките групи во кое укажува на, како што наведуваат, сериозни недостатоци во предлог-законскиот текст. Од Младите правници оценуваат дека бришењето на одредбите за контаминираните подрачја може да создаде правна празнина и негативно да влијае врз заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Тие потсетуваат дека токму во 2022 година бил воспоставен системски механизам за мониторинг и санација на овие подрачја, што според нив претставувало позитивен исчекор во македонското законодавство.

Реакција стигна и од еколошките граѓански организации. Од „Зелен хуман град“ оценија дека предложените измени можат да имаат сериозни последици врз животната средина, здравјето на луѓето и целиот жив свет. Според нив, особено спорни се одредбите со кои се бришат механизмите за идентификација, управување и санација на контаминираните подрачја, како и повторното дозволување реконструкција на тешка загадувачка индустрија во близина на населени места и заштитени природни подрачја.

Од „Зелен хуман град“ укажуваат и дека предложените измени ги намалуваат механизмите за транспарентност и учество на јавноста. Како пример ја наведуваат измената со која се бришат обврските поврзани со снимањето и објавувањето на јавните расправи, како и промените што, според нив, може да ја ограничат електронската достапност на документацијата поврзана со загадувачки капацитети и проекти.

Еколошките организации се загрижени и поради предлогот стручните мислења од повеќе надлежни институции да бидат заменети со четиричлена комисија определена од министерот. Според нив, со тоа се слабее меѓуинституционалната контрола во постапките што се однесуваат на индустриската безбедност. Дополнителна загриженост предизвикува и предлогот според кој, доколку надлежна институција не достави мислење во предвидениот рок, ќе се смета дека нема забелешки. Критичарите на измените предупредуваат дека административното доцнење, недостигот од кадар или непостапувањето на институциите не треба автоматски да се толкуваат како потврда дека не постои ризик.

Токму европското знаменце беше дополнителна причина за критики, затоа што се посочи дека со ваквата постапка се ограничува можноста на опозицијата преку амандмани да ја пролонгира постапката.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ