Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) го зајакнува меѓународното позиционирање на македонската сметководствена професија со активно учество на европски и на глобални професионални форуми. Како резултат на досегашниот ангажман, ИСОС е избран за домаќин на годишното собрание на Европската конфедерација на даночни советници во 2027 година. Одлуката, донесена само една година по зачленувањето на Институтот во организацијата, се оценува како признание за неговото активно учество во европската професионална заедница.

– Изборот на ИСОС за домаќин е голема чест и значајно признание за нашата работа – истакна претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, посочувајќи дека настанот ќе биде можност да се претстават македонската сметководствена професија и домашната економија пред професионалци од повеќе европски земји.

Паралелно, ИСОС по вторпат учествуваше на конференцијата на глобалните поставувачи на стандарди во Лондон, организирана од Фондацијата ИФРС. На конференцијата присуствуваа над 130 делегати од 70 земји, а во фокусот беа иднината на финансиското известување и потребата од јасни и применливи стандарди, особено за малите и за средните претпријатија.

Од ИСОС нагласуваат дека поедноставувањето на регулативата, намалувањето на административниот товар и дигитализацијата се клучни за подобро деловно опкружување. Институтот обединува над 6.000 сметководители и овластени сметководители, а од септември 2025 година е полноправна членка на Собранието на Европската конфедерација на даночни советници.

 

ИЗДВОЕНИ