Министерството за финансии информира дека од 14 јули започнува примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат се воспоставува законска рамка за организирање на giveaway активности. Новите законски решенија предвидуваат задолжително издавање дозвола, плаќање надоместок, јавно објавување на правилата и резултатите, како и прецизно утврдени рокови и услови за организирање на ваков вид игри.
Како што соопшти Министерството, целта на законските измени е да се воспостават јасни правила и обврски за организаторите, како и да се обезбедат поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците.
Според новите одредби, организаторите ќе треба да обезбедат дозвола од Министерството за финансии, при што барањето мора да биде поднесено најдоцна 30 дена пред почетокот на giveaway играта. Кон барањето задолжително се доставува документација, која се разликува во зависност од тоа дали организатор е трговец-поединец или трговско друштво, вклучувајќи правила на играта, докази за потеклото на наградите, документи за регистрација, финансиски податоци и потврди за подмирени јавни давачки.
За трговските друштва дополнително е предвидена обврска за доставување потврди дека не им е изречена забрана за приредување игри на среќа, ниту забрана за вршење на дејноста.
Законот воведува и финансиска обврска за организаторите. Тие ќе треба да уплатат надоместок во висина од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд, и тоа во рок од три дена по добивањето на дозволата. Во спротивно, дозволата ќе биде одземена.
Новина е и задолжителното јавно објавување на правилата пред почетокот на giveaway играта, како и објавување на добитниците најдоцна три дена по извлекувањето. Исплатата или преземањето на наградите ќе мора да се реализира во рок определен со правилата на играта, кој не смее да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Со Законот детално се пропишува и содржината на правилата за организирање giveaway. Тие ќе треба да содржат информации за организаторот, производите или услугите што се рекламираат, условите за учество, времетраењето на играта, начинот на избор на добитниците, вредноста на наградите, постапката за приговор, како и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства. Една giveaway игра нема да може да трае подолго од една година.
Со новото законско решение, за првпат се воведува и законска дефиниција за giveaway, односно подарување, како игра на среќа во која учеството се остварува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини со цел промоција на производи или услуги.
Законот ги дефинира и поимите „лајкување“ и „тагнување“ како форми на влог за учество во овие игри на среќа, со што се регулираат и досега нерегулираните промотивни активности на интернет и социјалните мрежи.
Од Министерството за финансии оценуваат дека со воспоставувањето на единствена законска рамка ќе се обезбедат јасни правила за организаторите, поголема транспарентност во спроведувањето на giveaway активностите и повисоко ниво на заштита на учесниците.












