среда, јули 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сиљановска-Давкова: „Најсилна Европа е онаа што живее во мир и демократија, заснована...

Сиљановска-Давкова: „Најсилна Европа е онаа што живее во мир и демократија, заснована на принципи и вредности“

Самит на НАТО во Анкара: безбедност, одбрана и европско единство во фокусот

0

Во време на зголемени глобални тензии и преиспитување на иднината на европската безбедносна архитектура, македонската делегација на самитот на НАТО во Анкара испрати пораки за мир, единство, но и за потребата од посилна одбрана и поголема одговорност во рамките на Алијансата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, ја испрати главната политичка порака од земјава  – дека силата на НАТО не е само во воените капацитети туку и во вредностите врз кои е создаден.

„Потребно ни е повеќе кантијанизам, а помалку макијавелизам. Би сакала да порачам дека мотото „Посилна Европа, посилен НАТО“ значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилна Европа е онаа што живее во мир и демократија, заснована на принципи и вредности“, изјави Сиљановска-Давкова. Македонската претседателка кажа дека иднината на Европа и на евроатлантската заедница треба да се гради преку политичка мудрост, доверба меѓу сојузниците и почитување на заедничките принципи.

„Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност, можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста“, порача претседателката.

На самитот во Анкара, на кој учествува државната делегација предводена од Сиљановска-Давкова, се разговара за клучните прашања за иднината на Алијансата – зајакнувањето на колективната одбрана, инвестициите во одбранбените капацитети, распределбата на товарот меѓу членките, поддршката за Украина, развојот на одбранбената индустрија и регионалните безбедносни предизвици.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во фокусот ги стави обврските што ги презема Македонија како членка на НАТО, особено во делот на зголемување на одбранбените инвестиции и модернизацијата на Армијата. На Форумот за одбранбена индустрија, Мисајловски порача дека без развиена индустрија нема силна одбрана, а учеството на Македонија на овој настан е поврзано и со плановите за поддршка на домашните компании од наменската индустрија.

„Нема силна одбрана без силна одбранбена индустрија“, беше пораката испратена на форумот на кој учествуваа претставници од сојузничките и партнерските земји, како и од воената индустрија. Мисајловски информираше и за вложувањата на државата во развојот на одбранбените капацитети и процесот на модернизација на Армијата. Според него, издвојувањата поврзани со одбраната и националната безбедност, вклучително и инвестициите во критичната инфраструктура и стратешките коридори, надминуваат 4 проценти од планираните 5 проценти кои НАТО ги поставува како цел во наредниот период. На маргините на самитот, министерот имаше средба и со јапонскиот колега, Шинџиро Коизуми, кој ја оцени средбата како можност за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пак, учествува во разговорите посветени на пошироките политички и безбедносни аспекти на НАТО. Во фокусот на неговите активности се регионалните и европските прашања, соработката во рамките на Алијансата и билатералните односи со партнерите. Муцунски на маргините на самитот оствари средба со холандскиот министер за надворешни работи, Том Берендсен, при што разговарале за билатералните односи, европските прашања и соработката во рамките на НАТО.

Самитот во Анкара доаѓа во период кога Алијансата се соочува со нови предизвици – од војната во Украина, преку потребата од поголеми вложувања во одбраната, до зајакнување на партнерствата со земјите надвор од евроатлантскиот простор. За Македонија, која стана полноправна членка на НАТО во 2020 година, учеството на вакви форуми е можност да ја потврди својата улога во колективниот систем на безбедност, но и да ги претстави сопствените приоритети – од модернизација на Армијата до зачувување на стабилноста во регионот. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ