среда, јули 8, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Домашната пченица стои непродадена, а увезуваме пченица и брашно со сомнителен квалитет

Домашната пченица стои непродадена, а увезуваме пченица и брашно со сомнителен квалитет

Жетвата на пченицата и јачменот е во тек, но производителите велат дека сѐ уште нема утврдена откупна цена, ниту организиран откуп за домашното жито. Тие предупредуваат дека додека нивната пченица останува непродадена во силосите, увозот на жито и брашно продолжува, што дополнително го загрозува домашното производство. Бараат државата да ги активира законските механизми за заштита на домашното жито и да спроведе интервентен откуп на пченицата, предупредувајќи дека, во спротивност, Македонија би можела да остане без производство на оваа стратешка земјоделска култура

0

Жетвата на јачменот и пченицата е во тек, во дел од регионите е веќе завршена, но земјоделците сѐ уште немаат откупна цена за пченицата, ниту организиран откуп. Во исто време, на социјалните мрежи се појави видео за кое се прикажува увоз на пченица преку граничниот премин Табановце, што предизвика реакции кај производителите, кои бараат прво да се обезбеди пласман за домашното жито. Земјоделците велат дека за јачменот моментално добиваат меѓу 8,5 и 10 денари за килограм, додека за пченицата сѐ уште нема утврдена цена, ниту интерес за откуп. Според нив, во млиновите и складиштата има непродадени количества од ланската реколта, а истовремено продолжува увозот на пченица и брашно од Србија, што дополнително ја влошува состојбата на домашните производители.

„Во Македонија се откупуваат само околу 20 проценти од домашната пченица, додека остатокот од потребите се покрива со увоз, најмногу од Србија. Српската пченица е субвенционирана од државата, па затоа е поевтина и поконкурентна од домашната, поради што мелничарите немаат интерес да ја откупуваат нашата. Во исто време, покрај пченица, се увезува и брашно, додека во силосите сѐ уште стојат околу 80 проценти од ланската реколта кои не се продадени. Така, наместо да се користи домашното жито, граѓаните јадат леб произведен од увозна пченица, чиј квалитет е сомнителен. Дополнително, никој не може со сигурност да каже дали пченицата што влегува од Србија е навистина произведена таму или претходно е увезена од Украина“, изјави за весникот ВЕЧЕР Борче Бучински од Здружението „Пелагонско поле“.

Тој предупредува дека ваквата состојба сериозно го доведува во прашање домашното производство на пченица. Според него, поради неизвесниот пласман, ниските откупни цени и нелојалната конкуренција од увозот, земјоделците од година во година ги намалуваат површините под пченица, а дел од нив целосно се откажуваат од нејзино одгледување.

– Домашното производство не е заштитено со гарантирана откупна цена, иако станува збор за стратешка земјоделска култура. Согласно сo законските одредби, цената треба да ја утврдат Институтот за земјоделство, Факултетот за земјоделски науки и храна и Министерството за земјоделство. Гарантираната откупна цена треба да ги покрие производните трошоци и да обезбеди најмалку 25 проценти заработка за земјоделците. Ако, на пример, пченицата се откупува по 9 или 10 денари за килограм, а пресметаната гарантирана цена е 13 денари, тогаш разликата треба да ја покрие државата преку Интервентниот фонд, вели Бучински.

Како дополнителен проблем, тој го посочува и складирањето на пченицата. Според него, силосите им наплаќаат на земјоделците за чување на родот, иако тој трошок треба да биде покриен од државата.

– Од силосите ни велат дека кога државата ќе им ги исплати средствата за складирање, тогаш и тие ќе ни ги вратат парите. Во меѓувреме, товарот повторно паѓа врз земјоделците, кои и онака се соочуваат со неизвесен откуп и ниски цени, додава Бучински.

Иако Законот предвидува повеќе механизми за заштита на производителите на пченица и јачмен, земјоделците велат дека тие ретко се применуваат во практиката. Заштитата на цената и пласманот на житото е регулирана со Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за стокови резерви и соодветните подзаконски акти, кои предвидуваат интервентен откуп, финансиска поддршка и мерки за стабилизација на пазарот.

Една од најважните мерки е интервентниот откуп, преку кој државата, со одлука на Владата и преку Агенцијата за стокови резерви, може да интервенира кога пазарната цена ќе падне под производната цена. На тој начин се спречува дополнително намалување на цените во периодот на жетвата и се обезбедува сигурен пласман за дел од домашното производство.

Законот, исто така, пропишува јасни стандарди за квалитетот на житото, со што се ограничува можноста за манипулации при процената на родот. Откупувачите се должни да издаваат откупни блокови, кои се основен доказ за промет и предуслов земјоделците да ги остварат правата за субвенции и друга државна поддршка.

Во случај масовниот увоз на поевтини житарки да го загрозува домашното производство, законската регулатива му овозможува на Министерството за земјоделство да предложи заштитни мерки, како што се интервентен откуп, засилени контроли на квалитетот или други механизми за стабилизирање на пазарот.

Воедно, законските измени предвидуваат и склучување договорно производство меѓу земјоделците и откупувачите, со што однапред би се обезбедиле пласманот и цената на житото, наместо производителите да зависат од состојбата на пазарот по жетвата.

Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорѓи Каракашев, вели дека законските механизми постојат, но клучно е тие навремено да се активираат.

– Законот нуди доволно инструменти за заштита на домашното производство, но тие немаат ефект доколку институциите не реагираат навреме. Државата мора да обезбеди фер услови за домашните производители, особено во периодот на жетвата, кога се формира цената и се одлучува дали земјоделците ќе продолжат да ја произведуваат оваа стратешка култура, вели Каракашев.

Според него, без навремена институционална реакција и доследна примена на законските механизми, домашното производство ќе продолжи да се намалува, а зависноста од увоз на пченица и брашно ќе биде сè поголема.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ