Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска, пред Комисијата за финансирање и буџет, рече дека само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка Битола, но во многу мал износ, околу 100-на илјади денари.
-Од сите акционерски друштва и јавни препријатија што ги исконтактирваме, само едно имаше сметка која е во многу мал износ, околу 100-на илјади денари, ништо повеќе од тоа. Најголем дел од јавните препријатија и акционерските друштва немаат сметка во Алта банка. Но, во периодот што следи треба да достават изештај од администраторот и ќе видиме понатаму дали има нешто поразлично од тоа што јас сум го добила како информација, истакна министерката на надзорната расправа.
Одговорајќи на прашања од пратениците, таа напомена и дека фондовите функционираат преку трезорот.
Според неа, нема ризик од финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка Битола, а состојбата е стабилна. Таа појасни дека буџетските корисници имаат сметки во трезорот и дека единствените трансакции што Министерството за финансии ги врши кон банките, вклучително и Алта банка, се однесуваат на провизиите при исплата на пензиите.
Министерката нагласи дека не постои ризик од губење средства, бидејќи буџетските корисници кои имаат сметки во Алта банка немаат средства ниту депозити во банката.
Одговарајќи на прашањата на пратениците, Димитриеска-Кочоска повторно посочи дека надлежностите на институциите во случајот мора јасно да се разграничат. Таа категорично истакна дека Министерството за финансии немало никакво учество во постапката за преземање, односно купување на банката, ниту дало согласност за нејзината продажба.
-Немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба, а супервизија и надзор врши Народната банка – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа потврди дека Алта банка влегла на македонскиот пазар на 1 септември, кога официјално ја добила можноста за купување хартии од вредност. Притоа појасни дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски од претходниот дел на надзорната расправа се однесувала на купувањето на Алта банка во Србија.












