Цените на горивата и на мазивата за патничките возила во Европската Унија во октомври биле повисоки за 29,5 проценти во споредба со тој месец лани, покажуваат најновите податоци на „Евростат“.
Годишниот раст бил понизок од септемвриските 31,4 проценти, но повисок од августовските 23,8 проценти. Најголемо поскапување е регистрирано во Естонија, 44,1 процент, Бугарија, 42,8 проценти и во Литванија – 42,3 проценти. Најмал раст имало во Унгарија, 11,3 проценти.
На месечно ниво, сепак, горивата поевтиниле. Цената на дизелот во ЕУ се намалила за 0,2 проценти, иако во 20 земји членки продолжила да расте. Најголемо поскапување имало во Ирска, 6,1 процент, додека најголемо поевтинување е забележано во Полска, 9 проценти.
Бензинот во октомври поевтинил за три проценти во однос на септември. И покрај тоа, во 16 земји членки неговата цена пораснала, најмногу во Словенија, за 5,3 проценти. Најголемо намалување повторно е регистрирано во Полска, за 12 проценти.
Податоците на „Евростат“ се базираат на хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, кој овозможува споредба на ценовните движења во земјите членки на ЕУ.












