Македонската музичка сцена се закити со ново музичко име – Драгана Костова. Уште при првото слушање на песната „Адио“, таа го освои вниманието. А, оваа песна само така се вика. Инаку, на Драгана не ѝ е ни на крај на умот за збогување или за адио. Па штотуку почнува нејзиниот од по естрадните патеки. Атрактивна е и многу амбициозна. Ни доаѓа од Струмица и деновиве ја промовираше оваа своја прва авторска песна. Станува збор за нејзин премиерен официјален музички проект, на кој посветено работеше цел тим од професионалци, во изминатиот период.
Музиката и аранжманот за песната ги потпишува Лазар Цветковски, додека текстот е дело на Магдалена Цветковска-Ена. За песната е снимен и видеоспот на неколку локации, а во режија на „Стеди флоу“. Драгана се појавува во впечатливо издание во спотот, со внимателно избрани модни комбинации. Кадрите од спотот совршено се вклопуваат со приказната и со атмосферата што ја доловува самата песна. Со оваа песна, таа најавува дека во периодот што следува активно ќе работи на нови музички проекти и ќе се труди да донесе нешто ново и свежо на македонската музичка сцена.
– Иако е ова моја прва авторска песна, јас сум навистина среќна што, конечно, ја споделувам со публиката. На проектот работевме долго и со многу посветеност. Голема благодарност до Лазар, Магдалена и до целиот тим, бидејќи сите дадовме максимум за да звучи и изгледа „Адио“ онака како што замисливме. Се надевам дека песната ќе им се допадне на луѓето и дека ќе ја пеат заедно со мене – вели убавата Драгана.
Инаку, да потсетиме дека Драгана Костова пред неколку години беше дел од популарното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што остави силен впечаток кај жири-комисијата и кај публиката со своите интерпретации. Моментално е втора година на Музичката академија, на отсекот за пијано, каде што дополнително го надградува своето музичко образование. Младата пејачка е полна со љубов кон музиката и кон публиката.
Таа и понатаму сериозно ќе ѝ биде посветена на музичката кариера, а „Адио“ е само почеток на она што следува. Во периодот што доаѓа, а особено во овој летен дел од годината, Драгана ќе промовира уште некоја нова песна и ќе сними видеоспотови. Воедно, ќе настапува во повеќе македонски градови, во кои публиката желно ја очекува. Токму затоа нема „адио“ за неа, туку тоа е само во новата песна, која е певлива и квалитетна – совршен спој за успех. (Д. М.)












