недела, јули 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРОТ НАЈАВИ СРЕДБА СО ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ: Следната недела ќе се...

ПРЕМИЕРОТ НАЈАВИ СРЕДБА СО ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ: Следната недела ќе се знае иднината на Арбен Фетаи во Владата

248

Следната недела ќе се расчисти прашањето околу статусот на актуелниот вицепремиер задолжен за доброто владеење, Арбен Фетаи, кој веќе втор месец отсуствува од работа. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој најави средба во четири очи.

– Вицепремиерот Арбен Фетаи, следната недела имаме заеднички состанок јас и тој. Така што, по тој состанок, многу работи ќе бидат појасни. Инаку, официјално тој е потпретседател на Владата задолжен за добро владеење – изјави Мицкоски по свеченоста по повод поставувањето камен-темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во скопската општина Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе потврди дека Фетаи не доаѓа на работа и дали зема плата.

Фатаи веќе втор месец не доаѓа на работа, што се совпадна со зголемувањето на несогласувањата меѓу него и лидерите на доскорешната коалиција „Вреди“, кои застанаа на ставот дека вицепремиерот веќе не може да биде нивни претставник во владиниот кабинет. Врзано со ова, премиерот Мицкоски тогаш изјави дека имал средба на која Фетаи му најавил повлекување од Владата. Според него, Фетаи сака да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, од каде што веќе има искуство. Мицкоски тогаш рече дека може да се искористат неговите контакти преку евентуален ангажман како специјален пратеник.

По ова, Фетаи објави на социјалните мрежи свои фотографии од туристичко патување на Тајланд. Сето ова предизвика реакции во јавноста и прашања по кој основ отсуствува Фетаи од работа и дали добива плата за тоа. Вицепремиерот неодамна не се појави ниту на седницата за пратенички прашања во македонското Собрание, каде што претставниците од опозицискиот СДСМ поставија прашање колку работни дена отсуствува од работното место и кој му ги плаќа трошоците за патувањата.

Според најавите, во текот на јуни премиерот Мицкоски ќе ги почне разговорите со коалициските партнери, околу промените во владиниот кабинет. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ