петок, август 14, 2026
Дома СВЕТ Вулканот Етна исфрла пепел петти ден по ред – аеродромот во Катанија...

Вулканот Етна исфрла пепел петти ден по ред – аеродромот во Катанија се уште затворен, стотици патници останаа без планираните летови

0

Чадот и пепелта што се исфрлаат од ерупцијата на вулканот Етна го нарушија воздушниот сообраќај на Сицилија петти ден по ред.

Стотици патници останаа блокирани откако вулканската пепел го затвори најголемиот меѓународен аеродром на Сицилија, во Катанија, на врвот на летната туристичка сезона.

Аеродромот во Катанија ќе остане затворен до раните утрински часови во сабота, непосредно пред Ферагосто, врвот на летната сезона во Италија, кога милиони луѓе се упатуваат кон морето и планините, а градовите се речиси пусти.

Активноста на вулканот Етна често предизвикува прекини во воздушниот сообраќај на аеродромот во Катанија, 30 километри јужно од вулканот, и ова е сега најдолгиот прекин од 2002 година.

Борис Бенке, истражувач во Националниот институт за геофизика и вулканологија при опсерваторијата Етна, рече дека острата вулканска пепел е многу опасна за авионите бидејќи може да ги затне нивните мотори и да ги доведе до застој.

„Затоа сите се многу внимателни при летање за време на емисиите на вулканска пепел“, рече тој.

Етна е најголемиот активен вулкан во Европа. Неговата најнова активност е невообичаена поради долгото траење и континуираните емисии на пепел.

Мали количини пепел беа донесени од северните ветрови до Малта и Северна Африка.

„Во изминатите неколку децении имаше многу пократки и посилни ерупции, но оваа е различна бидејќи Етна исфрла пепел многу подолго време“, рече Бенке.

Затворањето на аеродромот доведе до пренасочување на летовите кон други аеродроми во Сицилија, што доведе до зголемување на цените на такси и изнајмување автомобили, објави дневниот весник „Кориере дела Сера“.

Здружението за заштита на потрошувачите „Кодаконс“ соопшти дека ќе поднесе жалба до италијанскиот орган за конкуренција поради жалби за неоправдано зголемување на цените, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ