Новак Ѓоковиќ полека влегува во последната фаза од својата неверојатна тениска кариера, а прашањето за неговото пензионирање сè почесто е тема на разговор во светската спортска јавност. Сега за оваа тема се огласи и Карлос Моја, поранешниот тренер на Рафаел Надал, кој смета дека она низ што минува српскиот ас е сосема природен процес за секој голем шампион.
Во интервју за CLAY, Шпанецот направи споредба меѓу актуелната ситуација на Ѓоковиќ и последните години од кариерата на Надал, но нагласи дека ваквата фаза не е карактеристична само за нив двајца. Според него, речиси секој тенисер што достигнал врвно ниво порано или подоцна се соочува со истиот проблем.
Моја објасни дека комбинацијата на годините, повредите и физичката истрошеност постепено го менува начинот на кој реагира телото на напорите што ги носи професионалниот тенис.
- Не гледам паралела само со Рафа, гледам паралела со 99 отсто од играчите што се пензионираат. На крајот на краиштата, она што ги наведува 99 отсто од играчите да се повлечат е комбинацијата од повреди, возраст и истрошеност. Тоа значи дека веќе не може да закрепнете на истиот начин, а дента по долг натпревар, не сте толку свежи и подготвени како што сте биле некогаш – истакна Моја.
Тој смета дека Ѓоковиќ, без разлика на неверојатната физичка подготвеност и способноста со години да им пркоси на сите прогнози, не може бесконечно да го одложува природниот крај на кариерата.
- Токму затоа она што му се случува на Ѓоковиќ ми изгледа сосема нормално. Јасно е дека, со оглед на возраста, времето му истекува. Сè на крајот си има свој крај – порача поранешниот тренер на Надал.
Тој дури направи и споредба со Пит Сампрас, за кого смета дека е еден од ретките големи шампиони што успеале да се повлечат на поинаков начин. Американецот ја заврши кариерата по освојувањето на Ју-ес опен во 2002 година, без подолг период на натпреварување во кој неговото ниво постепено опаѓало.
Според Шпанецот, кај повеќето тенисери доаѓа моментот кога мораат да се прашаат дали сè уште има вистинска смисла продолжувањето на кариерата.
- Тоа е сосема нормален процес – размислувањето за тоа кога треба да се пензионирате – сè до моментот кога, конечно, ќе кажете: „Добро, тоа е тоа; не можам повеќе. Сите овие тренинзи, сите овие патувања веќе немаат смисла ако не можам да се борам за титулите“ – објасни Моја.
Покрај за Ѓоковиќ, шпанскиот стратег зборуваше и за најголемите актуелни ѕвезди во тенисот, Карлос Алкарас и Јаник Синер. Тој беше прашан дали двајцата во својата најдобра форма би можеле да го победат Рафаел Надал на неговиот омилен турнир – Ролан Гарос.
Моја смета дека одговорот е потврден доколку станува збор за еден конкретен натпревар. Сепак, кога би се играле повеќе дуели на земјена подлога, неговиот поранешен ученик и понатаму би имал предност.
- На еден поединечен натпревар? Секако, би можеле да го победат. На долг рок, мислам дека Рафа би добил повеќе мечеви против нив, но во еден конкретен дуел – да, апсолутно. Особено Алкарас – изјави тој.
Особено го пофали Алкарас, оценувајќи дека тој моментално е најдобриот тенисер во светот на земјена подлога, без оглед на резултатите на Ролан Гарос.
Сепак, кога станува збор за петсетовните дуели, смета дека Надал би имал значителна предност, особено против Синер, додека Алкарас би можел да му парира и физички и ментално.
- Рафа е супериорен на долг рок. И точно е дека доколку отиде мечот против Синер во пет сета, Рафа би имал значителна предност. Тоа е помалку изразено против Алкарас, бидејќи тој добро се држи и физички и ментално. Рафа би бил фаворит против нив, но тоа не значи дека не би можел да загуби – заклучи Моја.
Сепак, главната порака од неговото интервју се однесува на Ѓоковиќ: дури и најголемите шампиони не може да избегаат од времето, а прашањето повеќе не е дали ќе дојде крајот, туку кога ќе одлучи српскиот ас дека е вистинскиот момент за збогување со тенисот.











