Ќе поевтинат ли дизелот и бензинот? Премиерот Христијан Мицкоски вели, има простор за намалување, а конечниот збор утре ќе го има Регулаторната комисија за енергетика.
– Очекувам да имаме поевтинување на дизелот и на бензинот. Владата ги следи берзанските движења и анализите покажуваат простор за намалување на цените – истакна Мицкоски и најави дека се преговара со „Окта“ за дополнителен попуст, со што, како што рече, Македонија би имала уште пониски цени на горивата во споредба со земјите од регионот.
Сега топката е кај РКЕ. Утре ќе се знае што ќе се случува на бензинските: дали ќе точат возачите поевтин дизел и бензин или, сепак, ќе останат на истите цени. Иако кога ќе се каже „нафта“ прво се гледаат насловите за барелот брент, работата кај нас е малку поинаква. РКЕ не ја зема директно цената на суровата нафта како основа за пресметката. Се гледаат цените на готовите рафинирани деривати на медитеранскиот пазар, односно колку чини веќе преработениот дизел и бензин. Во пресметката влегува петдневниот просек од берзанските котации, а се гледа и курсот на доларот во однос на денарот.
Значи, и ако суровата нафта оди нагоре, тоа не значи автоматски дека и македонскиот дизел мора да поскапи. Ако, пак, поевтини готовиот дериват на медитеранскиот пазар, ма простор за пониска цена и кај нас. И токму тука сега се очекуваат пониски бројки.
На светските пазари брентот се движи околу психолошката граница од 100 долари за барел, со осцилации предизвикани, главно, од случувањата на Блискиот Исток и од одлуките на ОПЕК+. Но, за македонскиот возач, многу поважно ќе биде што се случува со цените на готовите дизел и бензин на медитеранскиот пазар. Токму тие бројки ќе бидат дел од пресметката што ќе ја објави РКЕ денеска.
Пониските цени на горивата, сепак, значат и помалку пари во државната каса. Со пониските цени паѓаат и приходите од акцизите, а се намалува и приливот од ДДВ. Според процените наведени во владините анализи, досега се создал кусок од 7 до 8 милијарди денари, што отвора простор и за ребаланс на буџетот.
Во споредба со регионот, македонските цени остануваат пониски. Во Србија, литар евродизел е околу 125 денари, додека во Грција цените се уште повисоки, особено на автопатите и на островите, каде што може литар да надмине и 1,75 евра.
(С. Бл.)












