– Во фокусот на октомвриската филмска програма во Кинотеката се остварувањата што одбележуваат значајни годишнини оваа година, а со нив и различните лица на македонската кинематографија: историскиот филм, политичката драма, авторското и постмодерното кино, документарното сведоштво, филмот на социјалната маргина и комедијата – велат од Кинотеката
Со филмот „Одмазда“ на Јан Хинсен од 2001 година, приказна распната помеѓу две епохи и две различни култури, вечерва (5 октомври, 20:00 ч.) Кинотеката на Македонија ја почнува октомвриската програма, која е замислена како филмска карта на меморијата – низ јубилеи, историски сведоштва и дела што и денес отвораат прашања за времето во кое настанале, но и за времето во кое повторно ги гледаме.
Филмот „Одмазда“ зборува за настани на почетокот на 20 век во Македонија. Митре (христијанин) и Осман (муслиман) склучуваат нераскинливо крвно братство, кое набргу се распаѓа под притисок на историските судири. Седум децении подоцна, во Белгија, нивните потомци се соочуваат со генерацискиот долг во крв, каде што последната шанса за простување ќе биде ставена на тест преку една случајна и забранета љубов. Филмот го истражува односот на современа Западна Европа кон балканската традиција на крвна одмазда, стара со векови, но истовремено и (не)можноста за разбирање меѓу две различни култури.
– Во фокусот се филмовите што оваа година одбележуваат значајни годишнини, а со нив и различните лица на македонската кинематографија: историскиот филм, политичката драма, авторското и постмодерното кино, документарното сведоштво, филмот на социјалната маргина и комедијата – велат од Кинотеката.
Шеесетте години од премиерата на „До победата и неа“ (1966) на Живорад Митровиќ-Жика отвораат тема за последните денови од окупацијата и ослободувањето, но и за предавството, вината и траумата што остануваат по војната (7 октомври). Историскиот слој продолжува со „Солунските атентатори“ (1961), кој одбележува 65 години и ја обработува приказната за гемиџиите и за нивните радикални акции на почетокот од 20 век (19 октомври). По 55 години се враќа и „Македонски дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица, инспириран од вистински настани од 1942 и 1943, фокусиран на окупацијата, репресијата и на изборот меѓу стравот и отпорот (8 октомври). Во иста историска линија е и „Црно семе“ (1971) на Кирил Ценевски, кој одбележува 55 години. Сместен во периодот на Граѓанската војна во Грција, филмот ја следи трагичната судбина на Македонците од Егејска Македонија затворени во островски логор, претворајќи ја историјата во силно физичко и човечко сведоштво. (26 октомври).
„Најдолгиот пат“ (1976) на Бранко Гапо одбележува половина век. Заснован врз вистински настани и мотиви од делото на Петре М. Андреевски, филмот преку автентичните локации и строгата визуелност го претвора патувањето во физичко и во духовно искуство (9 октомври).
Особено место има творештвото на Столе Попов. По 45 години, повторно се гледа „Црвениот коњ“ (1981), филм за егзилот, историското прогонство и за невозможноста за вистинско враќање по Граѓанската војна во Грција (16 октомври). Четириесетте години од премиерата на „Среќна нова ’49“ (1986) потсетуваат на судирот со Информбирото и на начинот на кој се претвора големата политика во сомнеж, страв, затвор и распад на семејните и на човечките односи (17 октомври). Попов е присутен и со „Тетовирање“ (1991), кој одбележува 35 години, а воедно се одбележуваат и 80 години од раѓањето на Метo Јовановски. Приказната за Илија, неправедно затворен, изложен на полициско насилство и на институционален апсурд, останува една од најсилните филмски слики на државната репресија во македонската кинематографија (27 октомври).
Дваесет и петте години од „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски се повод за повторно соочување со амбициозното дело што ги поврзува американскиот Див Запад и османлиска Македонија, минатото и сегашноста, митот и историјата (14 октомври). По 30 години се враќа „Самоуништување“ (1996) на Ербил Алтанеј, трагикомичен и суров поглед кон урбаната и транзициска реалност, кризата на поединецот, семејството и општеството (15 октомври). Петнаесет години одбележува „Панкот не е мртов“ (2011) на Владимир Блажевски, кој преку црниот хумор и повторното собирање на една панк-група зборува за генерациската меморија, транзицијата… (13 октомври).
Современата историја и социјалната маргина се присутни преку три филма од 2016 година. „Ослободувањето на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, по повод 10 години, ја враќа Втората светска војна во просторот на градот и ја гледа низ перспективата на осумгодишниот Зоран (10 октомври). „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, исто така со 10-годишен јубилеј, се навраќа кон трагичната судбина на петтемина струмички студенти ликвидирани во 1951 година (22 октомври). А „Џган“ на Вардан Тозија ја пренесува темата на траумата во современоста, преку приказна за заборавените деца (24 октомври).
Посебен омаж му е посветен на Атанас Петровски-Ацо, еден од пионерите на македонската кинематографија и прв директор на Кинотеката, по повод 25 години од неговата смрт. Неговите документарни филмови „Велигденски обичаи“ (1954), „Галичка свадба“ (1955) и „Дервиши“ (1955) ја претвораат традицијата во визуелен документ и денес претставуваат драгоцено сведоштво за културата, обичаите, луѓето и за просторот, кои се менуваат со текот на времето (20 октомври).
Октомвриската програма завршува со „Мирно лето“ (1961), филм што одбележува 65 години, а истовремено се навршуваат 20 години од смртта на режисерот Димитрие Османли. Како прв македонски игран филм во жанрот на комедијата и прв македонски долгометражен филм режиран од македонски автор, тој останува едно од темелните дела на домашната кинематографија (30 октомври).
Покрај македонската јубилејна програма, октомври ги носи и Деновите на кинескиот филм, како и програми на швајцарски, француски и на германски филм.
Сите овие дела, и покрај својата жанровска и стилска различност, ги поврзува една идеја: филмот не е само приказна туку и сведоштво, архив, предупредување и отпор кон заборавот. (Д. Т.)
Легенда: Филмот „Одмазда“












