Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Страв од страдање
Животот е полн со борби, неизвесност и изненадувања, така што колку ѝ да сме умни и внимателни, лесно може да нѐ снајдат разочарувања и лоши животни ситуации. Тие може да ни создадат големи болки и страдања, но и да нѐ натераат да го промениме односот кон самите себе и да сфатиме што ѝ е потребно на нашата душа. Осознавањето на сопствените погрешни постапки, елиминирањето на чувството на вина и прифаќањето на неубавите искуства од минатото се само дел од афирмативниот стремеж за иницирање позитивни промени во сопствениот живот.
Не постои човек што не се разочарал во некого и нешто, и тоа не треба да претставува проблем, зашто токму со осознавање на заблудата за туѓата вредност и посебност ние ја отвораме портата за елиминација на лажното и за влез на вистинското, чесното и убавото.
Нема напредок без предизвик, како што нема ни победник без противник.
Токму искушенијата, тешкотиите, заблудите и разочарувањата го челичат духот на човекот и го подготвуваат за разната неизвесност во животот. Како што се зајакнува имунитетот во борбата со болестите така и човекот ја преиспитува својата сила во моментите кога преовладуваат тешките удари на судбината. Дури и кога доживуваме пораз и разочарување, не треба да заборавиме на поуката.
Научената лекција е скапоцена вредност од која зависи како ќе се однесуваме во иднина и кон какви животни патеки ќе се насочиме.
Само оној што паднал може да им даде на другите вистински пример како да станат. Народната мудрост го објаснила тоа со зборовите „не прашувај гаталец, туку паталец“.
Оптимизмот и себеосознавањето ќе ни помогнат да бидеме доследни, издржливи и да продолжиме со стремежот за воспоставување мир и хармонија во животот. Тоа е став што ни овозможува да се фокусираме на позитивното наместо да им се препуштиме на стравот и на негативните емоции. Понекогаш стравот од страдање може да биде полош од самото страдање. Исчекувањето дека може да нѐ снајде уште поголемо разочарување го парализира нашиот дух и ни создава константен немир и потиштеност.
Порано или подоцна, секој од нас ќе доживее разочарување и ќе се соочи со тешки животни ситуации, а начинот на кој им пристапува на проблемите зависи од зрелоста на личноста, силината на духот и од разликата во карактерот. Вежбањето на умот, телото и емоционалната состојба се основни за соочување со животните проблеми. Подготвеноста да се биде храбар, енергичен и решителен во борбата со ограничувањата е темелот врз кој се гради силата на личноста и се трасира патот за излез од проблемите. Малодушноста, наметнувањето на чувство на вина, пасивноста и стравот од перспективите на иднината нужно го забавуваат нашето напредување и создаваат тензии, страв и несигурност. Решението е никогаш да не се откажуваме и да престанеме да се самообвинуваме, туку да ја практикуваме поуката од јапонската поговорка: ако паднеш седумпати, тогаш стани осумпати.
Никогаш не треба да дозволиме денешното разочарување да фрли сенка врз утрешните соништа.
Волјата, надежта и храброста се клучни за трасирање на патот што води кон љубов, мир и хармонија. Секогаш треба да ги имаме на ум зборовите на американскиот философ Р.В. Емерсон дека „она што лежи зад нас и она што лежи пред нас е ништо во споредба со она што лежи во нас“.
Ако е направен нашиот дух од љубов и е креиран од позитивна енергија, тогаш колку и да е тешко и неизвесно, ќе се отвори можност за надминување на проблемот. Иако грешките во животот скапо се плаќаат, сепак, времето лекува сѐ. Колку и да е повредена душата, колку и да е голема болката, душата може да биде исцелена, а болката надмината. За да го постигнеме тоа, не ни се потребни купишта пари, моќ и слава, туку љубов во срцето и поддршка од блиските, бидејќи само „раката на саканиот може да го извади трнот од душата“.
Каде што е влезот, таму е и излезот. Ако произлегува проблемот од разочарување во љубовта, излезот е во вистинското споделување љубов. Впечатокот дека сите се исти и дека повеќе не треба да се љуби, бидејќи повторно може да има разочарување во другиот е поразително за напредокот на личноста и за мирот во душата. Само љубовта може да ја роди љубовта. Тоа не подразбира своите чувства да ги насочуваме кон личности кои не умеат да ги препознаат и возвратат нашите емоции, туку кон оние кои умеат да го восприемат посебното во нас и со кои се чувствуваме расположено, убаво и опуштено.
Стравот ѝ е најголемиот непријател на љубовта, кога ќе дозволиме да се всели во нашето битие, тогаш почнуваме да се плашиме и од сопствените емоции и сѐ да преиспитуваме.
Да се пронајде вистинската личност со која ќе ги споделиме верноста, чесноста и искреноста – воопшто не е лесна работа, но тоа не значи дека не постои таа, туку дека сѐ си бара свое време, место и енергија. Кога суштински ќе бидеме исчистени од неубавите животни искуства и ослободени од внатрешниот немир и од разочараноста, судбината ќе ни го донесе тоа што го заслужуваме. Дотогаш треба да ги имаме на ум препораките на Рејнхолд Нибур: „Господе, дај ни ја способноста да ги прифаќаме смирено нештата што не можеме да ги промениме и храброст да ги промениме нештата што треба да ги промениме, како и мудрост за разликување на едните од другите“.
Проблемот е што мнозинството од луѓето стравуваат од какви било промени, било да се во прашање влегувањето во брак, разводот, раѓањето дете, селидбата, промената на работата, емоционалното вложување или раскинот на врската. Сите овие категории создаваат внатрешен немир и несигурност затоа што се нешто ново и поразлично. Никој од нас не знае што точно ќе се случи. Тоа е страв од непознатото. Ропството на духот не произлегува од надворешните влијанија, туку од сопствениот страв и од чувството на несигурност. Своите кафези ги правиме сами. Опстојувањето во познатото, кое не нуди никаков напредок, мир и хармонија, е сигурен показател дека уште долго време незадоволството и разочарувањето ќе бидат дел од нашето живеење.
Во напнатите животни ситуации, клучот за зголемување на самодовербата и на слободата, пред сѐ, е во воочување на кафезот. Како што напишал Ричард Карлсон: „Страдањето понекогаш може да биде речиси неподносливо пред да се роди желбата за слобода. Но, останувањето во кафезот гарантира продолжување на страдањето. Ризикот е стопроцентен“. Останувањето во самонаметнатиот кафез значи молчење, одржување привидна сигурност и зголемување на разочарувањето. Сѐ што е потребно за да се дојде до слобода е да се препознае непознатото како помалку ризично од познатото и, секако, да се направи првиот чекор.
Понекогаш чекорењето кон непознатото може да биде најдоброто решение.
Во тој правец одат и зборовите на Морис Шевалје: „Ако чека човек совршен момент кога сѐ ќе тече сигурно и според планот, лесно може да се случи тој момент никогаш и да не дојде. Нема да стигнете до врвот, нема да победите на натпреварот, нема да бидете навистина среќни“.
Едно нешто треба да знаеме сите ние, дека „сѐ си има своја причина и сѐ со себе носи своја последица“. Кога не би постоеле болките, страдањата и разочарувањата, немаше духовно да напредуваме и да ја сфатиме убавината на мирот, хармонијата и на љубовта. Само човек што ги доживеал најсилните падови, може вистински да ужива во најголемите височини и радости на животот.