среда, септември 23, 2026
Дома СВЕТ Вонредна состојба во европска земја: Им недостига вода и евтино гориво

Вонредна состојба во европска земја: Им недостига вода и евтино гориво

0

Молдавскиот парламент вчера изгласа воведување 60-дневна вонредна состојба во секторите за снабдување со енергија и вода, бидејќи земјата се соочува со раст на цените на горивата и со тешка суша.

Вонредната состојба, која стапува на сила во сабота, им овозможува на молдавските власти „брзо да реагираат во случај на прекини во снабдувањето со енергија, гориво и вода“, се наведува во соопштението на владата.

Владиниот предлог за прогласување вонредна состојба беше усвоен со 54 гласа „за“ и 20 „против“, додека 22 пратеници не учествуваа во гласањето.

Глобалните цени на горивата растат уште од почетокот на војната на Блискиот Исток, а сушата од невидени размери го намали нивото на реките низ Европа, дополнително оптоварувајќи го снабдувањето со енергија.

Молдавија, земја со 2,4 милиони жители и кандидат за членство во ЕУ, значително ја намали својата зависност од руските енергетски извори по почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година, потпирајќи се наместо тоа на увоз од земјите на ЕУ.

Со оглед на тоа што се очекува раст на цените на гасот, молдавската влада сака да го зголеми буџетот за помош на ранливите домаќинства при плаќањето на сметките оваа зима, бидејќи половина од населението во земјата користи гас за греење.

Молдавија се соочува и со „сериозен недостиг на вода“ во реките Дњестар и Прут, што според владата би можело да го загрози снабдувањето со вода за пиење. Претседателката Маја Санду во понеделникот изјави дека вонредната состојба е неопходна за да им се овозможи на властите да дејствуваат „доколку се потребни брзи одлуки во врска со набавката на гориво, доколку протокот на Днестар продолжи да опаѓа или ако цените на горивата продолжат да растат“.

Игор Додон, лидерот на опозициската проруска Социјалистичка партија, преку Телеграм ја повика владата да усвои „прагматичен пристап и итно да започне преговори со Русија за снабдување со гас“.

ИЗДВОЕНИ