Полските власти приведоа 17-годишник осомничен за планирање терористички напади врз училиште и џамија. Истражителите го поврзуваат и со организирана група која, според обвинителите, промовирала нацизам и фашизам, поттикнувала омраза и дискутирала за насилство и терористички активности.
Најсериозното обвинение против Павел Г. се однесува на подготовка на терористички напад. Полскиот министер за правда, Валдемар Журек, соопшти дека тинејџерот планирал „масовен терористички напад“, при што како цели, меѓу другото, биле одредени училиште и џамија.
„Во Полска нема и нема да има толеранција за фашизам, омраза или планирање крвави напади“, напиша Журек на социјалната мрежа Икс.
„Секој што ја загрозува безбедноста на Полјаците ќе се соочи со целосната сила на законот. Безбедноста не е област за компромис. Таа е темел на нашата заедница“, додаде министерот.
Обвинителите исто така истражуваат информации во врска со планираното набавување оружје и воена опрема, како и собирањето материјали поврзани со активностите на терористички организации, пренесува „Еуроњуз“.
Останатите две обвиненија се однесуваат на учество во организирана криминална група. Според истражителите, групата била вклучена во подготовка на кривични дела поврзани со тероризам, промовирање нацизам и фашизам и поттикнување омраза.
Обвинителството тврди дека собраните докази укажуваат на голема веројатност оти осомничениот ги извршил наведените дела. Посебно значење им се придава на резултатите од претресот на неговиот дом и на анализата на неговиот мобилен телефон и другите одземени уреди за складирање податоци.
За време на претресот, полициските службеници наводно пронашле ножеви, бајонет за пушка од типот АКМ, книги, ознаки и други предмети со фашистички и нацистички симболи.
Анализата на податоците од одземените уреди открила и преписка во врска со планирањето масовни напади, вклучително и потенцијални напади врз училиште и џамија. Во разговорите наводно се дискутирало за набљудување на потенцијални цели, методи за извршување напади и набавување оружје, муниција и воена опрема. Пораките содржеле и информации за употреба на рачни гранати и молотови коктели.
Павел Г. бил сослушан како осомничен, но одбил да изнесе одбрана.












