Овој месец, Германците во своите поштенски сандачиња наоѓаат ново издание на брошурата „Подготовка за кризи и катастрофи“, чија насловна страница е илустрирана со жена која складира конзерви и батерии. Сега отворено се изјавува дека „дури и војната веќе не е толку исклучена како што беше пред неколку години“. Од канадскиот град Калгари, пак, овој месец тргнаа низ светот совети за тоа што треба да се спакува за да се преживеат првите три дена од евентуална катастрофа, без да се спомене зборот војна. Финска отиде најдалеку – почна постапка за укинување на забраната за нуклеарно оружје на нејзина територија, која постоеше цели 40 години
Додека Блискиот Исток гори, се обновуваат старите стравови од глобален конфликт или нуклеарна војна, што добија на интензитет поради војната во Украина, па малку стивнаа кога почнаа мировните преговори.
Сè повеќе држави преку разни медиуми повторно им делат совети на своите граѓани како да се подготват во случај на кризи и катастрофи, но овој пат Германија отиде подалеку, па од брошурите за таа намена го исфрли тврдењето дека војна е малку веројатна. Од канадскиот град Калгари, пак, „тргнаа“ низ светот совети што треба да се спакува за да се преживеат првите неколку дена од евентуална катастрофа, без да се спомене зборот војна.
Овој месец, Германците во своите поштенски сандачиња наоѓаат ново издание на брошурата „Подготовка за кризи и катастрофи“, чија насловна страница е илустрирана со жена која складира конзерви и батерии. Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) сега отворено изјавува дека „дури и војната веќе не е толку исклучена како што беше пред неколку години“. Брошурата се дистрибуира во голем број до граѓаните во поштенските сандачиња низ целата земја. Како што објавија германските медиуми „Зидојче цајтунг“, „Коректив“ и порталот „Аугенгерадеаус“, новата верзија на брошурата претставува значајна ревизија на изданието од 2019 година. Речениците што претходно ја смируваа јавноста се отстранети од текстот, а воведени се поглавја за заштита од експлозии, воздушни напади, кибернапади и дезинформации. Брошурата содржи и совети за тоа како да се разговара со децата за можни воени сценарија. „ББК“ наведува дека промените се воведени по голем број прашања од граѓаните по рускиот напад врз Украина и порастот на глобалната несигурност. Локалните верзии на брошурата, како што е „ Безбедно во Тауфкирхен“, веќе се дистрибуираат во Баварија, Хамбург и други германски покраини. Во исто време, критиките стануваат сè погласни. Некои медиуми и коментатори, вклучувајќи ги „Цајт“ и „Коректив“, предупредуваат на потенцијалот за непотребна паника и веруваат дека овој вид комуникација постепено ги навикнува граѓаните на воена реторика. Скептиците тврдат дека ова ги оправдува големите инвестиции во одбраната и војската, кои, според плановите на министерот Александар Добринт, би можеле да достигнат десетици милијарди евра до крајот на деценијата.
Градот Калгари, пак, овој месец објави детални упатства за креирање „72-часовен комплет за преживување“, кој доби широка медиумска покриеност низ целиот свет. Овој водич нагласува дека во вонредна состојба, службите за спасување можат да бидат преоптоварени и дека е потребно граѓаните да можат самостојно да ги обезбедат основните потреби за себе и за своите семејства во текот на три дена. Подготовката на таков комплет, пред сè, значи да се обезбеди доволно количество вода. Се препорачуваат по два литра дневно за човек, но исто така има препораки и за четири литри, земајќи ги во обзир готвењето и одржувањето хигиена. Потоа, треба да се спакува и нерасиплива храна лесна за подготовка, како што е конзервираната и сувата храна, енергетските плочки или готовите оброци што можат да се чуваат на собна температура. Во пакетот треба да има и лекови, комплети за прва помош, по можност и термално ќебе. Треба да се спакуваат и фенерче, мало радио и батерии. Не треба да се заборави мобилниот телефон, како и надворешен полнач за него. Не е лошо при рака да се имаат и маски, селотејп, свирче, влажни марамчиња, кеси за ѓубре, тоалетна хартија. Ќебињата и вреќите за спиење не смеат да се изостават, а комплетот треба да ги содржи и важните документи.
Голем број држави во светот ја сфатија заканата од глобална војна многу како реална, па освен што ги советуваа граѓаните, презедоа и практични чекори – ги зголемија ставките за одбрана и вооружување во годинашните буџети. Сепак, се чини дека Финска отиде најдалеку – во екот на војната на Блискиот Исток, планира да ја укине забраната за поседување нуклеарно оружје на нејзина територија, која беше во сила цели четири децении. Тоа е потег за кој владата тврди дека подобро ќе ја усогласи земјата со политиката на одвраќање на НАТО, кон кое, по децениите воена неутралност, се приклучи во 2023 година, поради загриженоста за заканата што ја претставува нејзиниот сосед Русија.
Предлогот за укинување на забраната за поседување нуклеарно оружје е на консултации до 2 април, пред да биде формално доставен.












