Војната на САД против Иран, за која првично се очекуваше дека ќе трае само неколку дена, се одолговлече цели шест месеци. Долготрајните напади, масовното воено присуство и секојдневните „интервенции“ во Ормускиот теснец оставија последици врз воениот буџет на САД.
Според податоците претставени од непартиската Канцеларија за буџет на Конгресот, САД потрошиле 38 милијарди долари во текот на шесте месеци од конфликтот. Секој дополнителен месец борби ја чини земјата дополнителни 3 милијарди долари.
Како што наведува Ројтерс, се очекува војната да ја зголеми инфлацијата во САД за 0,5 отсто во текот на првите три месеци од 2027 година. Во извештајот се наведува дека зголемените трошоци ги исцрпиле залихите на муниција на САД и ги покачиле цените на енергенсите, што предизвикува загриженост за способноста на земјата да одговори на други потенцијални конфликти.
Канцеларијата за буџет проценува дека за обновување на залихите на муниција на САД би можеле да бидат потребни и до пет години. Ова првенствено се однесува на прецизните ракети со долг дострел, кои САД интензивно ги користеа во нападите врз Иран.
Белата куќа се обиде да ги минимизира наодите од извештајот, наведувајќи дека американската војска има „повеќе од доволно муниција и залихи за сите стратешки цели“.
Пентагон, пак, ги оспори наводите во извештајот за недостигот на ракети, тврдејќи дека „располагаат со сè што е потребно за изведување напади во време и на место по избор на претседателот“.
„Овој непартиски извештај јасно покажува дека војната ги чинела американските даночни обврзници десетици милијарди долари, а таа сума постојано расте, дополнително зголемувајќи ги трошоците“, предупреди конгресменот Брендан Бојл, истакнувајќи дека 18 американски војници загинале, а многу други биле ранети во Иран.
Ројтерс забележува дека извештајот не ги вклучил трошоците за неодамнешните напади врз трговски бродови во Ормускиот теснец или нападите врз американски воени локации во регионот. Покрај тоа, не биле земени предвид трошоците за задолжување поврзани со финансирањето на војната, кои – според некои проценки – би можеле да ја зголемат вкупната цена за десетици милијарди долари.
Дали американската економија може да го издржи ова? Извештајот на Конгресот укажа на тоа дека војната би можела да има далекусежни последици за одбранбената позиција на САД и за домашната економија.
Сослушувањето во Сенатот во јули 2026 година откри дека ситуацијата е посериозна отколку што признаваа Пентагон и Белата куќа; за време на сослушувањето, Пит Хегсет побара итни средства во износ од речиси 90 милијарди долари за надополнување на залихите со муниција. Тој изјави дека без овие средства се соочуваат со „критичен недостиг“.
Се проценува дека штетата на дипломатските објекти на САД во регионот, предизвикана од иранските напади, заклучно со 19 јуни изнесувала приближно 184 милиони долари.
Сепак, поголема загриженост предизвикуваат енергетските потреси предизвикани од затворањето на Ормускиот теснец и нападите врз енергетските капацитети во земјите од Персискиот Залив.
Вкупниот јавен долг на САД во август ја надмина границата од 40 трилиони долари, потсетува Ројтерс.












