недела, јуни 21, 2026
Дома СВЕТ „Војна на ордени“: Односите меѓу Украина и Полска вријат

„Војна на ордени“: Односите меѓу Украина и Полска вријат

65
Фото: EPA/Christine Olsson SWEDEN OUT

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата објави дека му го вратил Орденот на Белиот орел на полскиот претседател Карол Навроцки по пошта, еден ден откако Навроцки го одзеде највисокото државно одликување на Полска поради спор околу преименување на украинска воена единица.

Навроцки на 29 мај објави дека ќе побара расправа за одземањето на одликувањето од страна на Зеленски, а во петок, на 19 јуни, рече дека го одзел поради преименување на украинска воена единица по припадници на Украинската бунтовничка армија, УПА, која Полска ја поврзува со масакрите врз Полјаци во Втората светска војна.

После тоа, Зеленски објави дека му го вратил Орденот на Белиот орел на полскиот претседател и рече дека Украина останува отворена за сите „суштински форми на соработка“ со партнерите.

По Зеленски, поранешниот украински претседател Петро Порошенко, лидер на опозициската партија Европска солидарност, се откажа од истото одликување, повикувајќи на смирување на тензиите меѓу Украина и Полска.

Во соопштение објавено на „Фејсбук“, Порошенко изјави дека се откажал од Орденот на Белиот орел откако „не успеал да го убеди Навроцки да ја повлече одлуката“ за одземање на истото одликување на Зеленски. Порошенко рече дека ја смета одлуката на полскиот претседател за погрешна и неправедна кон украинскиот народ.

„Не е случајно што Дмитриј Медведев веќе му честиташе“, рече Порошенко, осврнувајќи се на заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност. „Кремљ секогаш аплаудира на сè што го ослабува единството на Украина и Полска“.

„Ако се расправаме за минатото, некој друг ќе ја добие иднината. Претседателот на Украина конечно мора да го разбере ова, како и претседателот на Полска“, предупреди Порошенко. Тој оцени дека потезите поврзани со медалите и историските прашања дополнително ги влошија политичките односи меѓу Киев и Варшава и предупреди дека ескалацијата може да им оди во прилог на трети страни.

Додаде дека оние во Полска кои „не се занимаваат со историски митови, туку ја проучуваат историјата и извлекуваат заклучоци од нејзините лекции“. „Минатото не треба да ги одредува полско-украинските односи. Не сакам Полјаците да ги уредуваат нашите учебници и во никој случај не тврдам дека ние Украинците треба да ги корегираме полските учебници, бидејќи во спротивно ќе ни испратат заеднички учебник од Москва“, рече Порошенко.

Порошенко нагласи дека стратешкото партнерство меѓу Украина и Полска останува клучно, особено во контекст на војната со Русија и безбедносната соработка, и дека е потребно да се избегнат понатамошни политички конфликти, пренесе „Хина“.

Член на Комитетот на Советот на Федерацијата на Русија за уставно законодавство, Алексеј Пушков, оцени дека односите меѓу Украина и Полска влегле во фаза што ја нарече „војна на ордени“.

– Меѓу Украина и Полска започна „војна на ордени“. Прво, поранешниот полски амбасадор во Украина го одби украинското одликување – Орден за заслуги, во знак на протест против величењето на убијците на Полјаци од УНА. Потоа, по долго двоумење, полскиот претседател Карол Навроцки одлучи да му се одземе на Зеленски највисокото полско одликување – Орденот на Белиот орел, кој му го врачи тогашниот претседател Анджеј Дуда во 2023 година – напиша Пушков на „Телеграм“.

Според него, следел одговор од Киев.

Во последните недели, полско-украинските односи беа дополнително оптоварени со контроверзии околу историското наследство на Организацијата на украински националисти* (ОУН) и Украинската бунтовничка армија* (УПА), како и прашањето за масакрот во Волин, кој останува една од најчувствителните теми во односите меѓу двете земји.

 

 

ИЗДВОЕНИ