Берлинската полиција денес распореди два водни топови на улиците на главниот град за да ги разлади граѓаните и туристите за време на првиот топлотен бран од годината во Германија, каде што температурите достигнаа речиси 40 степени, а на некои места и повисоки.
Водните топови, кои, според „Еуроњуз“, обично се користат за обезбедување јавни собири и демонстрации, овој пат служеа за разладување на граѓаните, при што млазниците за вода беа значително послаби отколку за време на полициските интервенции. Возилата поминаа покрај најпознатите знаменитости на Берлин, вклучувајќи ја Бранденбуршката порта, Потсдамерскиот плоштад и зградата на Рајхстагот, каде што наидоа на позитивни реакции од граѓаните и туристите кои бараа начин да се разладат.












