Во Загреб се востанови Фестивал на современата македонска книжевност; За продлабочување на македонско-хрватските културни врски

48

Во македонскиот КИЦ во Загреб, Хрватска, од 5 до 7 ноември, ќе се одржи првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност.

Македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на својата Годишна програма, а во соработка со реномираната македонска издавачка куќа „Македоника литера“ од Скопје, од оваа година востановува книжевен фестивал кој треба да придонесе за афирмација и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, а посебно во соработката на полето на книжевноста.

-Фестивалот ќе отвора нови можности за континуирано (годишно) претставување на современата македонска книжевност, македонската издавачка дејност, македонски писатели, издавачки куќи, како и на македонско-хрватските релации и за застапеноста на хрватските автори на македонски јазик и на македонските автори на хрватски јазик во издавачката дејност, посочуваат од македонскиот КИЦ во Загреб и „Македоника литера“.

На првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност ќе учествуваат македонски и хрватски еминентни и реномирани автори, преведувачи, уредници и издавачи. Во рамките на годинашната фестивалска програма, на отворањето ќе биде поставена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, а која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност. Во присуство на авторите ќе бидат промовирани и книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик.

Во наредните фестивалски денови ќе бидат претставени изданијата: К. Рацин: „Бели мугри“ – фототипно издание, македонското издание на книгата на академик Горан Калоѓера: „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“, книгата раскази „Ви раскажував ли?“ од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, а ќе се одржи и трибина на тема „Македонско-хрватските културни врски низ призмата на книжевниот превод“. За последната вечер на Фестивалот е предвидена средба со познатите и најчитаните хрватски писателки за деца, Сања Пилиќ и Силвија Шесто ,и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро“ и „Ванда“, преведени на македонски јазик и неодамна публикувани од „Македоника литера“.

-Самиот концепт на Фестивалот има за цел да ја претстави пред хрватската книжевна и културна јавност современата македонска книжевна продукција преведена на хрватски јазик и современата хрватска книжевна продукција преведена на македонски јазик. За остварување на оваа примарна цел ќе се одржуваат повеќе настани преку кои хрватската книжевна публика би имала приказ и увид во поврзаноста на македонската и хрватската книжевна продукција остварена преку книжевниот превод. Фестивалот на современа македонска книжевност ќе опфаќа повеќе активности (промоции на книги, изложба, портрети на писатели и трибина) и ќе трае три дена, додаваат организаторите.

ИЗДВОЕНИ