Словенечкиот парламент денес ја одобри централно-десничарската влада на премиерот Јанез Јанша, која вети намалување на даноците, насочено трошење и борба против корупцијата, додека аналитичарите очекуваат и промена во надворешната политика на земјата, јавуваат агенциите.
Јанша, популист кој обезбеди четврти мандат по мартовските избори, кои оставија неизвесност, објави дека неговиот кабинет ќе ја претставува целата земја бидејќи новите министри се од различни генерации и од региони низ Словенија.
Словенија во последните четири години ја водеше либералната влада на Роберт Голоб, кој оствари тесна победа на изборите, но сепак не успеа да формира мнозинска коалиција. Се собраа пет партии.
Во својот говор во парламентот, Јанша ги пофали министрите како искусни лидери и вети дека ќе ги намали „рекордно високите даноци“, како што ги нарече, и големата бирократија во споредба со другите европски земји. Тој, исто така, вети дека ќе се бори против корупцијата и ќе им даде повеќе овластувања на локалните власти, пишува словенечката агенција СТА.
Според Јанша, бројот на вработени во државниот сектор од 1995 година до крајот на минатата година се зголемил за дури 70.000. Тој, исто така, истакна дека државниот буџет досега има дефицит од 900 милиони евра оваа година, додека во истиот период минатата година дефицитот изнесувал 550 милиони евра.
Пратениците ја поддржаа владата од 15 члена со 49 гласа „за“ и 30 „против“. Повеќето од министрите се од партијата СДС на Јанша, а останатите се од коалициските партнери Нова Словенија (НСи), Демократи и Фокус. Партијата СЛС, петтиот партнер, не доби министерска позиција.
Коалицијата од пет партии држи 43 од 90 места во парламентот и е поддржана од десничарската партија Ресница, која формално не се приклучи на владата. Пратениците на националните малцинства, исто така, го поддржаа кабинетот.
Јанша рече дека ќе ги покани опозициските партии да се приклучат на партнерството следната недела за да помогнат во изготвувањето на клучните закони.
„Ние подадовме рака“, им рече тој на пратениците. „Но, соработката бара двајца луѓе, а колку од нас ќе биде ќе зависи од вас.“
Аналитичарите велат дека владата на Јанша веројатно ќе направи поместување од пропалестинските политики на претходната влада, која призна палестинска држава и им забрани на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на двајца од неговите крајно десничарски министри влез во земјата.
Премиерот во заминување Голоб го сумираше наследството од четири години на вонредна седница на парламентот денес, велејќи дека е најгорд што нормалноста, стабилноста и мирот се вратиле во земјата. Мирот, меѓу другото, значи достоинствен живот во старост, пристојни плати, одбрана на меѓународното право и независност на институциите, пишува СТА.
СДС изрази верување дека Јанша избрал одличен тим министри со кои ќе работи за успешна Словенија. Според НСи, СЛС и Фокус, успехот на владата не треба да биде партиско прашање, туку заеднички интерес на земјата.
Опозиционите партии Слобода, Социјалдемократите, Љевица и Весна ја критикуваа новата влада, тврдејќи дека има намера да го продлабочи јавниот дефицит и да го приватизира здравството, додека некои се заложија против спојувањето на министерствата за економија и труд. Слобода изрази очекување дека владата ќе работи за народот, што партијата ќе го поддржи. Во спротивно, ќе следи бунт, најавија тие, пренесе „Хина“.
Ова е четвртиот мандат на Јанез Јанша како премиер, по оние од 2004 до 2008 година, од 2012 до 2013 година и од 2020 до 2022.












