четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Саламите полни со вода, а сувомеснати пресолени за да се сокрие третокласното...

Саламите полни со вода, а сувомеснати пресолени за да се сокрие третокласното месо

По скандалот со млечните производи, контролите на Агенцијата за храна и ветеринарство открија уште посериозни неправилности кај сувомесните производи. Анализите покажале додавање вода за зголемување на тежината, отстапувања од пропишаниот состав и употреба на суровини со понизок квалитет. Од Организацијата на потрошувачите велат дека со години предупредувале на вакви злоупотреби, а сега инспекциските контроли ги потврдиле нивните сомнежи. Граѓаните, пак, се револтирани што плаќаат скапа храна, а не знаат што, всушност, јадат. Контролите отворија и прашање колку долго ваквите практики поминувале незабележано и колкава е штетата врз потрошувачите

0

По серијата неправилности откриени кај млечните производи, јавноста деновиве се соочува со нов скандал, овој пат поврзан со сувомесните производи, што дополнително ја разниша довербата на потрошувачите. Контролите покажале уште посериозни отстапувања отколку кај млечните производи, при што биле утврдени значителни разлики меѓу декларираниот и реалниот состав на дел од производите што се продаваат на пазарот. Според резултатите од анализите, кај одредени сувомесни производи било утврдено додавање вода, додека кај производи со заштитен назив, како печеницата, биле откриени состојки што не се во согласност со пропишаниот состав. Ваквите неправилности отвораат сериозни прашања за контролата на квалитетот и заштитата на потрошувачите, кои имаат право да добијат производ што одговара на она што е наведено на декларацијата.

Ова го потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство, додека од Организацијата на потрошувачите на Македонија велат дека на ваквите неправилности предупредувале уште одамна. Според нив, сомнежите за несоодветно декларирање и отстапувања во составот на производите со години биле присутни, а дури сега инспекциските контроли ги потврдиле овие наоди. Тие бараат засилени и редовни контроли, како и поголема транспарентност за потрошувачите.

– Одамна предупредувавме дека во дел од сувомесните производи има прекумерно количество вода. За да изгледа како природен сок од месото, при пакувањето често се додаваше течност со црвеникава боја, со што се зголемуваше и тежината на производот. Кај сувата печеница, пак, најчесто нема додадена вода, но затоа има големи количества сол. Кога во еден сувомесен производ има премногу сол и зачини, тоа е сигнал дека нешто не е во ред. Солта и зачините често се користат за да се прикрие вистинскиот вкус и понискиот квалитет на месото, односно фактот дека производот е направен од суровина од пониска категорија, изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседателка на Организацијата.

Таа смета дека се неопходни почести и построги контроли, како и јавно објавување на имињата на производителите кои лажно ги декларираат производите, со цел да се заштитат потрошувачите и компаниите што работат согласно со законските стандарди.

– Најзагрижувачко е што не знаеме колку долго се случувале ваквите злоупотреби и колкав број потрошувачи биле доведени во заблуда. Во изминатиот период, производителите и трговците беа под притисок да ги намалуваат цените и маржите, но очигледно дел од нив тоа го компензирале со намалување на квалитетот на производите. За секој производ постојат јасно утврдени стандарди и спецификации – за виршли, крањска кобасица, печеница и други сувомесни производи. Потрошувачите мора да го добијат токму она што е наведено на декларацијата, а не производ со поинаков состав и понизок квалитет, додава Лончар-Велкова.

Од ОПМ сметаат дека мора да се стави крај на ваквите нефер трговски практики, бидејќи граѓаните издвојуваат значителен дел од својот буџет за храна и имаат право да знаат што навистина купуваат и консумираат.

Проблемот е што јавноста сѐ уште нема прецизни информации за тоа кои производители и трговци ги пласирале спорните производи. Агенцијата за храна и ветеринарство треба јавно да ги објави нивните имиња и да ги повлече од пазарот производите кај кои е утврдено лажно декларирање. Само така потрошувачите ќе бидат заштитени, а производителите ќе бидат поттикнати да ги почитуваат законските стандарди и правилата за квалитет.

– Првичните резултати покажуваат дека кај сувомесните производи отстапувањата се значително поголеми од оние утврдени кај млечните производи. Не може производ да се декларира како печеница, а притоа да содржи парчиња месо од трета категорија споени со хемиски состојки. Тоа претставува злоупотреба и измама на потрошувачите, изјави Светлана Колариќ од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Граѓаните велат дека довербата во квалитетот на храната е сериозно нарушена и бараат почести контроли, поголема транспарентност и построга одговорност од производителите и надлежните институции.

– Месото што во продавница тежи еден килограм, кога ќе го однесете дома, често е полесно за неколку стотици грама. И кај шунките и кај другите сувомесни производи се забележува дека има додадено вода. Плаќаме повеќе, а добиваме помалку. Освен што храната е сè поскапа, не сме сигурни ниту што навистина јадеме, бидејќи она што е наведено на декларацијата не одговара секогаш на реалниот состав на производот. Кај некои производи, сомнеж предизвикува и рокот на траење – коментираат граѓаните.

Други посочуваат дека декларациите се често нејасни, напишани со ситни букви и тешко читливи, поради што сметаат дека се неопходни почести инспекциски контроли и поголема заштита на потрошувачите.

Во март годинава, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе засилени контроли во малопродажните објекти низ државата. При контролите беа анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи и 46 мостри од месни и сувомесни производи.

Кај дел од млечните производи беа утврдени неправилности поврзани со процентот на млечна маст, несоодветно декларирање и употреба на растителни масти во производи кај кои тоа не е дозволено. Контролите на сувомесните производи, пак, покажаа уште посериозни отстапувања меѓу декларираниот и реалниот состав на производите.

Од Агенцијата најавуваат дека по завршувањето на сите лабораториски анализи ќе биде објавен целосен извештај, а јавноста ќе биде детално информирана за утврдените неправилности, изречените мерки и за субјектите кај кои се констатирани прекршувања.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ