Со свечена и достоинствена програма, Македонскиот културно-информативен центар во Софија вчера ја одбележа 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков, еден од најзначајните македонски интелектуалци, филолози, публицисти и визионери, чие животно дело претставува траен темел во развојот на македонската национална мисла, литературна традиција и јазична самобитност.

Одбележувањето на овој значаен јубилеј претставуваше не само чин на оддавање почит кон ликот и делото на Крсте Мисирков туку и силна порака за важноста на зачувувањето на историската меморија, културното наследство и континуираната афирмација на македонските духовни, јазични и културни вредности.

Настанот предизвика исклучително голем интерес кај македонската заедница во Република Бугарија, како и кај претставници на бугарската јавност, научната и културната сфера. Салата на Македонскиот културно-информативен центар беше исполнета до последното место, што претставува уште една потврда за зголемениот интерес кон програмите што ги реализира Центарот и кон темите поврзани со македонската историја, култура и јазик.

Присутните имаа можност да се запознаат со научни согледувања и со аргументирани историски и книжевни толкувања за ликот и делото на Крсте Мисирков, но и да ги продлабочат своите сознанија за неговото исклучително значење во процесот на афирмација на македонскиот литературен јазик и националната самобитност.

Во рамките на програмата беше одржано предавањето „Поетиката на националната идеја: книжевна интерпретација на ‘За македонцките работи’ од Крсте Мисирков“, на кое проф. д-р Анита Ангелевска и Гордана Гравчева-Ивановска, професор по македонски јазик и книжевност, македонист и лектор, понудија темелна книжевно-научна анализа на капиталното дело на Мисирков. Нивните излагања ја истакнаа книжевната, културолошката и националната вредност на делото „За македонцките работи“, кое и денес претставува една од најзначајните книги во историјата на македонската култура и општествена мисла.

Особено внимание привлече прикажувањето на краткиот документарен филм посветен на Крсте Петков Мисирков, кој преку автентични документи, архивски материјали и историски извори ги осветлува неговиот животен пат, научната дејност и неговото јасно и недвосмислено самоопределување како Македонец. Филмот беше проследен со големо внимание од присутните и претставуваше значаен придонес во разбирањето на историските околности во кои творел Мисирков.

Во продолжение на програмата беа презентирани бројни историски, филолошки и лингвистички факти, научни истражувања и релевантни извори што сведочат за историскиот континуитет, богатството и развојот на македонскиот јазик низ вековите. Преку аргументирана и научно заснована презентација беше истакнато значењето на македонскиот јазик како суштински дел од културното наследство на Европа, како и неговата улога во развојот на словенската писменост и книжевната традиција. Воедно, беа потенцирани вредностите на македонскиот национален идентитет, заснован врз историски извори, документи и научни сознанија.

Програмата овозможи Македонците во Бугарија, но и бројните гости од бугарската јавност, да се запознаат со повеќе историски, книжевни и културни факти поврзани со животот и делото на Крсте Мисирков, придонесувајќи кон подобро разбирање на неговото место во македонската и во европската интелектуална историја. Сето тоа нудеше простор за културен дијалог, размена на научни сознанија и за афирмација на вредностите што ги поврзуваат културата, науката и историјата.

Одбележувањето на 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков уште еднаш потврди дека Македонскиот културно-информативен центар во Софија е место каде што се негуваат културната меморија, научната мисла и дијалогот, но и институција што достоинствено ги претставува македонските национални и културни вредности. Со ваквите програми, Македонскиот КИЦ во Софија не само што го чува и промовира богатото македонско историско и духовно наследство туку и активно придонесува за неговото современо вреднување и за градењето на идните генерации што ќе продолжат да го негуваат македонскиот јазик, култура и идентитет. Свеченото чествување беше уште една потврда дека ликот и делото на Крсте Мисирков остануваат живи и актуелни и по еден век, инспирирајќи нови научни истражувања, културни иницијативи и јавни дебати.

ИЗДВОЕНИ