сабота, јули 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Во Разловци „задушен“ уште еден повик за национално обединување

Во Разловци „задушен“ уште еден повик за национално обединување

1004

Симболично, од Разловци, премиерот Христијан Мицкоски испрати пораки за национално единство, зачувување на државното достоинство и обединување околу државните интереси, оценувајќи дека Македонија не смее да биде „држава на понижувања и распродажби“. Додека власта повикува на заедништво и на патриотско обединување, опозицијата обвинува дека таквите повици се „лажни и лицемерни“ и служат за дефокусирање од реформите и евроинтеграциите. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека неговата партија нема да седне на маса со, како што рече, луѓе кои немаат чесни намери и не сакаат државата да оди напред. И покрај бројните иницијативи, декларации и платформи за национално единство што во изминатиот период ги предлагаа и власта и опозицијата, политичкиот консензус за клучните државни прашања и натаму останува недостижен. Така, и повикот од Разловци за обединување повторно остана заглавен во меѓупартиските пресметки и меѓусебните обвинувања 

Премиерот со порака: Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината, опозицијата обвинува за лицемерство

Со пораки дека „ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, премиерот Христијан Мицкоски, од Разловци, повика на национално обединување и зачувување на државното достоинство. На одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание, Мицкоски рече дека мора да извлечеме поука од минатото и дека земјава „најмногу страдала тогаш кога однатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата“. Затоа, денес, од Разловци, истакна премиерот, мора гласно да кажеме дека оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби.

– Овој народ премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, но и со неговите идентитет и историја. И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес, татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес, ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас. Оваа земја најмногу страдала тогаш кога однатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата. Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние што лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние што пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати им даваат подароци и отстапки на оние што не ѝ мислат добро на државата, рече премиерот во обраќањето во Разловци.

Мицкоски посочи и дека историјата нè научила дека државата не се губи одеднаш, туку дека таа се губи чекор по чекор, кога некој ќе почне да се откажува од достоинството и од вистината и затоа нашата обврска е да бидеме мудри и будни и да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета.

– Оваа држава не е создадена со договори зад затворени врати, туку е создадена со жртви, со крвта на комитите, револуционерите, илинденците и сите оние што низ вековите верувале дека слободата мора да постои. Ние сме малоброен народ, но народ со огромна душа. Народ што поминал низ поделби, неправди, војни и негирања, а сепак, опстанал. И затоа никој нема право да ја потценува силата на народот. Мора да се обединиме за државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца, рече премиерот.

Премиерот истакна дека Разловечкото востание не беше само оружен отпор, туку будење на народната свест, темел и првата искра што подоцна ќе прерасне во големиот пламен на револуционерната борба, на Илинден, во Крушевската Република…

– Тоа беше првиот силен крик на народот дека сака да живее свој на своето, достоинствено, слободно и исправено. Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее. Да ја чуваме и да ја градиме државата. Да не дозволиме никој да ја понижува. Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија. Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето, кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсвета патека – патеката на слободата, рече Мицкоски.

СДСМ нема да седне на маса

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање рече дека повиците на Мицкоски се лажни и лицемерни и дека премиерот не го интересира државата и порача дека СДСМ нема да седне на маса со луѓе кои немаат чесни намери и кои не сакаат државата да оди напред.

– Повиците се лажни и лицемерни. ВМРО нема желба да се обедини околу ништо. Следно прашање што се поставува, логично, е зошто упатуваат такви повици на единство кога само неколку дена претходно го усвоија Законот за Влада сами, без наша согласност? Тие луѓе не сакаат единство, не сакаат реформи. Не седнуваме на маса со луѓе што немаат чесни намери и не сакаат ништо да направат за да тргне земјава напред. Еве, креираат поделби, лажни вести само за дефокусирање. Зошто не ги става малцинствата во Уставот и нека објасни што е ризикот? Реформите се викаат уставни измени и да ги почнеме преговорите. Отиде напред и Црна Гора, останавме ние последни и тоа не е случајно, рече Филипче.

Тој додаде дека власта намерно отвора прашања кои одамна се затворени, со цел да го избегне одговорот на суштинските проблеми поврзани со реформите и со евроинтеграциите. Филипче порача дека реформите значат Уставни измени и вистински исчекор кон Европската Унија, а не политички манипулации и дефокусирање на јавноста.

Многу повици, платформи и декларации – единство нема

Во изминатиот период, повеќе политички субјекти излегуваа со иницијативи за национално или државно обединување. Во април 2024 година, за време на изборната кампања, Мицкоски промовираше иницијатива за „македонско национално единство“, оценувајќи дека државата мора да се обедини околу националните и граѓанските интереси.

Од друга страна, СДСМ и Филипче во повеќе наврати повикуваа на обединување околу евроинтеграциите и таканаречените „црвени линии“ во односите со Бугарија и ЕУ, при што предлагаа натпартиски пристап за стратешките прашања на државата. Во октомври лани, Филипче и неговата партија предложија декларација во однос на црвените линии на патот кон евроинтеграциите, но го обвинија премиерот дека не покажал политичка зрелост и државничко однесување во однос на декларацијата. Филипче тогаш изјави дека декларацијата е најмакедонскиот документ кој некогаш бил презентиран на политичката сцена поради тоа што, според него, првпат нуди концепт на национално обединување.

Сепак, слична иницијатива кон крајот на 2024 година поведе и движењето ЗНАМ, кое претстави Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на националните црвени линии, со повик сите парламентарни партии да учествуваат во креирање заеднички документ за државните интереси. Сите овие иницијативи досега не го постигнаа посакуваниот ефект – обединување околу стратешките интереси на државата и едногласен цврст став околу идентитетските прашања. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ