Воедно, ќе се расчистуваат повеќе локации со времени објекти. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека за сите граѓани што живеат на адресите каде што ќе биде воведено зонско паркирање, паркингот ќе биде бесплатен, додека другите ќе плаќаат согласно со одлуката донесена од Советот пред повеќе од девет години

Во Куманово ќе се прошируваат паркинзите, а ќе се воведе и зонско паркирање. Воедно, ќе се расчистуваат повеќе локации со времени објекти. Ова го најави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој информираше дека за сите граѓани што живеат на адресите каде што ќе биде воведено зонско паркирање, паркингот ќе биде бесплатен, додека другите ќе плаќаат согласно со одлуката донесена од Советот пред повеќе од девет години.

Тој наведе сека во моментов се расчистува локацијата Табакана, каде што се дислоцираат времени објекти. Градоначалникот апелираше до сопствениците сами да ги отстранат објектите и најави дека доколку самите не ги дислоцираат објектите, тогаш Општината ќе интервенира и ќе бара надоместок за извршените активности. На оваа локација, како што најави, наместо изградба на станбено-деловен комплекс, ќе се реализираат проширување на паркинг-просторот и уредување на модерен урбан парк. Според Димитриевски, слични урбани содржини до крајот на годината ќе има и на дел од плоштадот, во центарот, спроти „Комитет“, за што се предвидени средства со ребалансот на буџетот. Димитриевски се осврна и на локацијата на поранешното хемиско чистење, каде што е предвидена изградба на подземна и надземна катна гаража, согласно со урбанистичките планови.

– Во моментов немаме финансиска можност да го реализираме проектот поради високите трошоци за експропријација на дел од објектите. Разговараме со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, кое е сопственик на дел од времените објекти, за изнаоѓање партнерско решение – информираше Димитриевски.

Истиот проблем, како што рече, постои и на локацијата Чорбенско Ќоше, каде што со години се врши паркинг-дејност спротивно на законските прописи. Тој додаде дека дел од објектите веќе се прогласени за „склонопадни“ и доколку сопствениците не ги урнат, тоа ќе го направи Општината, согласно со законските надлежности.

В сабота ќе се отвори првиот автопазар

Јавното претпријатие „Пазариште“ од Куманово в сабота ќе го отвори првиот автопазар во Куманово, кој ќе биде лоциран во селото Долно Коњаре.

Од претпријатието информираа дека пазарот ќе функционира секоја сабота во периодот од 7:00 до 15:00 часот. Според в.д. директорот на ЈП „Пазариште“, Суад Зејнулахи, станува збор за прв ваков пазар во регионот, за кој веќе постои голем интерес меѓу граѓаните и продавачите.

– Претходно имавме истражување на пазарот и утврдивме дека постои интерес. Куманово е регионален центар и очекуваме заинтересирани од целиот регион. Важно е што ќе ги искористиме постојните вработени, што значи дополнителен приход без зголемување на трошоците – додава Зејнулахи.

Тој посочи дека има интерес и кај сопствениците на приватни плацови, кои во текот на викендите би ги продавале своите автомобили на новиот автопазар, како и кај граѓаните што редовно посетуваат вакви пазари. На автопазарот ќе може да се продаваат автомобили, мотоцикли, скутери и автоделови, а, според најавите, капацитетот ќе биде за 200 до 300 возила.

За потребите на пазарот, веќе е уреден и тампониран паркинг-простор, со што, како што велат од претпријатието, ќе се реши проблемот со паркирањето на оваа локација. Паркингот ќе има капацитет за околу 1.200 возила.

 

ИЗДВОЕНИ