Во јуни ќе стартуваат разговорите на партнерите во владината коалиција околу реконструкцијата на актуелниот владин кабинет. Тогаш ќе се дознаат и позициите на партнерите околу тоа кои ресори и во чии раце ќе се најдат. Средбата на лидерите на владејачките партии сè уште не е закажана и, како што дознаваме, таа не била спомената на првата средба на премиерот Христијан Мицкоски со двајцата лидери на обединетата партија Вреди. Првото среќавање било посветено само на решавањето на проблемот околу употребата на албанскиот јазик при полагањето на правосудниот испит. А, според сознанијата, од изворите во двете партии, на тема реконструкција ќе биде свикана посебна средба.
Таа средба сè уште чека на завршување на процесот на внатрепартиска реорганизација во ВМРО-ДПМНЕ, која сега влегува во финална фаза. Партискиот Извршен комитет, на синоќешната седница, избра претседатели на 43 општински комитети. Дел од овие претседатели и досега беа први луѓе на општинските комитети, дел се нови личности. Покрај другите, за претседател на партискиот комитет во Карпош беше избран Тони Јаревски, Сергеј Попов за Центар, Филип Филиповски за Куманово, Бојан Стојаноски за Ѓорче Петров, Ѓоко Велковски за Чаир… Новиот партиски портпарол, Валентин Манасиевски, вчера ни изјави дека во наредниве денови ќе се изврши избор и на четириесетина други претседатели на партиските општински комитети.
– Претстои избор на првите луѓе на општинските комитети на подрачјето на изборните единици 4 и 5, а потоа и раководствата на Унијата на млади сили, Унијата на жени, како и на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе се заврши тој процес на реорганизација. А по него, извесно, ќе следуваат разговори околу владината реконструкција – изјави портпаролот Манасиевски за весникот ВЕЧЕР.
Според сознанијата, една од првите дилеми меѓу партнерите во Владата, кои ќе бидат расчистувани, е дали партнерите и натаму ќе ги задржат истите ресори или, пак, ќе има менување. Извесно е само, како што најавија од Вреди порано, дека сè уште актуелните функционери – вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, и министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, веќе нема да бидат претставници на обединетата партија, туку ќе се бараат нови личности. Додека за Фетаи премиерот Мицкоски навести дека ќе има друг ангажман во Брисел, неизвесноста се врзува за ангажманот на министерот Фетаи. Односно дилемата е дали тој и натаму ќе биде дел од владиниот кабинет или, пак, ќе му се бара некоја друга функција. Мицкоски, во текот на неодамнешната посета на Кичево, на новинарско прашање дали продолжува соработката со Фатмир Лимани, одговори со зборовите дека „господинот Лимани е со мене“. Тоа, извесно, значи дека соработката со Лимани ќе продолжи.
Прашање е, исто така, дали ќе се зборува на средбата за можното влегување на партијата на Зијадин Села во Владата, откако премиерот најави можно проширување на бројот на партнери. Села, пак, деновиве повторно потенцира дека неговите услови се врзани со отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, промената на формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик во него и примената на „Бадентеровото правило“ во работата на Уставниот суд. Ова, според досегашните ставови на премиерот, тешко може да биде прифатливо. Од редовите на партнерот во Владата, движење ЗНАМ – За наша Македонија, деновиве изјавуваа дека сè уште немаат разговори околу тоа како ќе изгледа составот на новата влада и дека целосно се задоволни од работата на своите двајца министри, Горан Минчев во ресорот на јавната и државна администрација и Горан Филков во ресорот правда. Врзано со движењето ЗНАМ, се појавува и дилемата дали неодамнешното заминување на пратеникот Миле Цеков од неговите редови ќе повлече и барање за намалување на бројот на ресори и функции што го има ова движење во владините ешалони. Пред две години, кога се составуваше Владата, ЗНАМ имаше шестмина пратеници, а сега пет. (Б. Ѓ.)












