Португалската Национална гарда (GNR) денес соопшти дека уапсила Французинка осомничена дека ги напуштила своите две малолетни деца, кои биле пронајдени како одат сами по патот претходно оваа недела во мал град во јужна Португалија.
Националната гарда соопшти дека уапсила жена (41) и маж (55) во градот Фатина, додавајќи дека двајцата се осомничени дека ги напуштиле двете деца. Мајката беше под истрага од страна на судот во Грандола за кривични дела загрозување и напуштање, соопшти Португалската судска полиција (PJ).
Француските власти апелираа низ цела Европа за помош во пронаоѓањето на жена и нејзините деца, на возраст од 4 и 5 години, откако нивниот татко пријавил дека се исчезнати од нивниот дом во Колмар, Франција, објави „Ројтерс“.
Откако исчезнале од својот дом, постоеле сомневања дека можеби патувале во Шпанија или Португалија, се додава во соопштението. Доцна во вторник, двете деца биле пронајдени како талкаат во паника од пар кој поминувал со автомобил во руралната област Монте Ново до Сул, на националниот пат 253, во Алкасер до Сал.
Човекот што ги пронашол, Артур Кинтас, за новинската агенција SIC изјавил дека децата плачеле и дека постариот брат рекол дека биле однесени во шумата, наводно да си играат. „За да ги измамат децата, нивните родители им ги врзале очите и ги оставиле во шумата да си играат. Им рекле да одат и да бараат играчка“, рече тој. Децата носеле ранци со шише вода, овошје, пакетче бисквити и ќебе, што довело до сомневање дека децата можеби биле напуштени.












