четврток, август 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во Охрид се издава на црно, над 90 отсто од плаќањето е...

Во Охрид се издава на црно, над 90 отсто од плаќањето е во кеш

Над 90 отсто од плаќањето кај дел од охридските станоиздавачи се реализира во кеш, што ја отежнува контролата и остава простор за сива економија во туризмот. УЈП апелира за фер туризам и за навремено пријавување на приходите, додека професорот Климент Наумов предлага поврзување на надлежните институции со платформите како „Букинг“ и „Ербиенби“ за полесно следење на приходите. Според него, големиот број физички лица што издаваат апартмани и готовинските плаќања дополнително ја отежнуваат контролата, а инспекторите физички не може да ги опфатат сите издавачи. Затоа се потребни координиран пристап, размена на податоци и заедничко дејствување на надлежните институции

0

За издавање станови, апартмани, вили, викендички и соби за краток престој, физичките лица имаат обврска да го пријават остварениот доход и да го платат соодветниот данок, потсетуваат од Управата за јавни приходи (УЈП). Оттаму постојано апелираат за фер туризам, односно за почитување на даночните обврски и за пријавување на приходите остварени од издавање недвижен имот, без оглед на тоа дали се обезбедени гостите директно или преку онлајн платформи како „Ербиенби“, „Букинг“, „Фејсбук“, „Кајак“ и други. Обврската се однесува на физичките лица што издаваат недвижен имот за краткорочен престој, до 31. ден во месецот. Доходот треба да се пријави преку системот „Е-Даночни услуги“, односно со поднесување е-ППД, најдоцна до 10. во месецот, што следува по месецот во кој е остварен приходот, заедно со соодветните докази.

„Основа за пресметување на данокот претставува бруто доходот што се остварува намален за износот на следниве нормирани трошоци, 10 отсто од износот на доходот за неопремен простор и 15 отсто од износот на доходот за опремен простор“, велат од УЈП.

Професорот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Климент Наумов, смета дека почитувањето на даночните обврски и начинот на кој може поефикасно да се намалува сивата економија во туризмот се едни од клучните прашања во секторот. Според него, фактот што повеќе од 95 отсто од лицата кои издаваат апартмани во Охрид се физички лица, а над 90 отсто од исплатите, според проценките, се реализираат во кеш, значително го отежнува следењето на реалниот обем на приходите.

– Токму тука е проблемот. За да се намали сивата економија во овој дел од туризмот, потребно е да се воспостави интегриран систем во кој ќе бидат поврзани сите надлежни институции. Во тој систем многу лесно би можеле да се интегрираат и платформите за онлајн резервации како „Ербиенби“ и „Букинг“, преку кои институциите би добивале релевантни податоци за издавањето на сместувачките капацитети. Така многу полесно би можело да се утврди кој ги исполнува даночните обврски, а кој работи надвор од системот – изјави Наумов за весникот ВЕЧЕР.

Според него, значителен дел од приватното сместување во Охрид, особено индивидуалното издавање станови и апартмани, функционира со готовинско плаќање, што дополнително го отежнува контролирањето на реалниот обем на приходите.

– Над 90 отсто од исплатите кај дел од индивидуалните издавачи се реализираат во кеш и токму затоа е тешко да се следи реалниот тек на парите. Не треба да се измислува некаков посебен механизам. Треба само да се следи текот на парите и да се воспостави систем на размена на податоци. Доколку се поврзат платформите за издавање сместување со Управата за јавни приходи, УЈП ќе има многу подобар увид во тоа кој остварува приходи од издавање и дали се плаќа соодветниот данок за тие приходи – објаснува професорот.

Тој смета дека не е доволна контролата само од страна на една институција, бидејќи бројот на издавачи е голем, а инспекциските служби имаат ограничени човечки и технички ресурси.

– Колку и да сакаат инспекторите на УЈП да направат контроли, физички е невозможно да ги проверат сите издавачи на станови и на апартмани. Затоа се потребни координиран пристап и заедничко дејствување на повеќе институции: УЈП, Пазарната инспекција, Туристичката инспекција, МВР и другите надлежни служби. Наместо институциите одделно да го контролираат истиот сектор, потребно е да разменуваат информации и да имаат заеднички пристап. Само така може поефикасно да се опфати целиот пазар – додава Наумов.

Според него, сивата економија не е само проблем за државата туку и за оние станоиздавачи што работат легално и ги исполнуваат своите обврски.

– Во Македонија сè уште имаме голем удел на сивата економија во туризмот и за да се промени тоа, ќе биде потребно време. Сопствениците на апартмани треба да сфатат дека не исчезнуваат средствата што ги плаќаат како данок, туку, преку јавните буџети, индиректно се враќаат во развојот на средината и на туристичката понуда – преку подобрување на улиците, патиштата, комуналната и туристичката инфраструктура и создавање подобри услови за туристите и за самите станоиздавачи – вели Наумов.

Сепак, тој нагласува дека при креирањето на мерките за спречување на сивата економија, мора да се земе предвид и реалната економска состојба на станоиздавачите, бидејќи тие се соочуваат со зголемени трошоци и со намалени даночни олеснувања.

– Мора да се има предвид и другата страна. Оние што легално се занимаваат со издавање станови и апартмани имаат сè поголеми трошоци, а даночните олеснувања се намалени. Во изминатиот период, давачките значително се зголемија. Затоа, доколку сакаме повеќе луѓе да работат легално, системот мора да биде предвидлив, едноставен и економски одржлив за малите станоиздавачи – посочува Наумов.

Како дополнителен трошок со кој се соочуваат охридските станоиздавачи, тој ги посочува и давачките кон ЗАМП – Здружението за заштита на авторски музички права. ЗАМП ги застапува авторите и носителите на права врз музички дела и согласно со правилата за колективно управување со авторските права, наплатува надоместоци за користењето музика во различни објекти и дејности. Во туристичко-угостителскиот сектор, тоа може да се однесува на користењето музика преку телевизор, радио или други уреди во сместувачките објекти, зависно од конкретниот начин на користење и од важечките тарифи и прописи.

– Има многу дополнителни трошоци за станоиздавачите. Тука се и давачките кон ЗАМП, кои изненадија дел од охридските издавачи на станови и на апартмани. Треба јасно да се утврди на кого и во кои случаи се однесуваат овие обврски, особено ако имаме предвид дека повеќе од 95 отсто од издавачите на апартмани во Охрид се физички лица. Неопходно е институциите да дадат јасно и недвосмислено толкување на обврските за да знаат легалните станоиздавачи точно што треба да плаќаат и по која основа – вели Наумов.

Според него, целта не треба да биде само зголемување на контролите и на казните туку и создавање систем во кој легалното работење ќе биде едноставно и исплатливо, а непријавеното работење ќе биде потешко за прикривање.

Наумов заклучува дека ако сакаме да ја намалиме сивата економија, потребно е системот да биде поефикасен. Дигитализацијата, размената на податоци меѓу институциите и поврзувањето со платформите преку кои се продава туристичкото сместување може значително да помогнат. На тој начин контролата нема да зависи само од тоа дали физички ќе дојде инспекторот на одредена адреса туку и институциите однапред ќе имаат информации за тоа каде и во кој обем се одвива туристичката активност.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ