Чествување големиот празник посветен на македонските светители и на јубилејот на Поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе се одржи в недела, соопшти денеска Скопската епархија на МПЦ-ОА.
Почетокот на Светата литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ е закажан за во 9 часот.
-По повод празнувањето на Денот на сите македонски светители и одбележувањето на 40-годишнината од епископската служба на Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, упатуваме срдечна покана до сиот верен народ за заедничко литургиско чествување – објави Скопската епархија.
Собор на сите македонски Светители е голем македонски христијански празник, на кој се слави споменот на сите македонски светители. Иако тие си имаат и свои посебни празници, (по еден или повеќе), овој ден е одреден за заедничко сеќавање на сите македонски светители кои во изминатите два милениума на најразлични начини придонеле за афирмацијата на христијанството на овие простори, но и многу пошироко. Се слави првата недела во октомври, односно 18 недели по Педесетницата. Со македонско потекло постојат некаде над 40 светци.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан е роден на 1 мај 1955 година во село Добрушево – Битолско, како Стојан (Велјановски), во патријархално православно македонско семејство. По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година, се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година, а потоа студирал на Белградскиот православен факултет. По дипломирањето, во 1979 година, Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го поставил за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, а веќе идната година бил испратен на последипломски студии на Екуменско-патролошкиот институт „Свети Николај“ во Бари – Италија, на кој магистрирал во 1982 година.
Замонашен е на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан е за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, како Митрополит Злетовско-струмички, а по поделбата на епархијата, именуван е за Митрополит на Брегалничката Епархија, со седиште во Штип.
На Црковно-народниот собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на МПЦ-ОА.












