
Спенсер Прат, кој стана еден од најпознатите негативци на реалното шоу на МТВ „Хилс“ во 2000-тите, сега се натпреварува за сосема поинаква улога. Овој 42-годишен републикански аутсајдер стана сериозен кандидат за градоначалник на Лос Анџелес, а неговиот пораст во анкетите изненади многумина откако ја објави својата кандидатура во јануари, пишува Би-би-си.
Според последните анкети, Прат беше во мртва трка со две демократки – актуелната градоначалничка Карен Бас и градската советничка, Нитија Раман, а на прелиминарните избори во средата изби на втората позиција. Според првите резултати што ги објави Ен-би-си, актуелната градоначалничка Бас добила 34,8 проценти од гласовите, Прат ја следи со 30,4 проценти, додека Раман заостанува зад нив со 22,3 проценти.
Прат се издвојува со тоа што во собирањето средства, далеку ги надмина своите противници. Меѓу 19 април и 16 мај тој обезбеди 2,7 милиони долари, речиси десетпати повеќе од Бас и седумпати повеќе од Раман. Неговиот успех како републиканец во многу либералниот град, кој немал републиканец за градоначалник од 2001 година, е поттикнат од интензивното внимание на социјалните медиуми, каде што објавува остри критики на „Тикток“ и видеа генерирани од вештачка интелигенција во кои се исмејуваат неговите противници.
„Ќе ја вратиме златната доба на Лос Анџелес“, вели Прат во една од своите реклами, што потсетува на слоганот на Доналд Трамп, „Да ја направиме Америка повторно голема“. Тој влезе во трката за градоначалник една година откако го загуби својот дом во катастрофалните пожари што го погодија Лос Анџелес. Голем дел од кампањата беше фокусирана на таа катастрофа, обвинувајќи ја градоначалничката Бас за несоодветен одговор на кризата. Својата кампања ја темели на пораката за поправање на „скршениот“ град, кој го прикажува како небезбеден и нечист, и се залага за задолжително лекување на зависноста од дрога за да се реши проблемот со бездомништвото.
Прат се прослави во 2007 година како момче на Хајди Монтаг во реалното шоуто на МТВ „Хилс“, каде што често предизвикуваше драма и ширеше гласишта, а подоцна се појави и во други реални шоуа. Сега води бизнис со кристали. Марти Каплан, професор на Универзитетот во Јужна Калифорнија, вели дека забавата ја презеде политиката, што му дава предност на Прат. Тој потсетува дека Калифорнија веќе имаше актер кој стана претседател – Роналд Реган, и акциона ѕвезда која стана гувернер – Арнолд Шварценегер. И претседателот Доналд Трамп, исто така, беше ѕвезда од реално шоу пред да влезе првиот пат во Белата куќа.
– Публиката сега е навикната да сака да биде забавувана. Кандидат кој нуди приказна поради која сакате да знаете што следува, што носи пресврти и непредвидливи моменти, тоа е она што го сакаме, вели Каплан и додава дека Бас, со длабоки корени во Лос Анџелес и богато политичко искуство, едноставно, „не е толку забавна“ како Прат.
И самиот Трамп неодамна ја поддржа кампањата на Прат.
– Би сакал да се покаже добро. Тој е вистински лик, им рече тој на новинарите, додавајќи: „Слушнав дека е голем поддржувач на движењето МАГА. Добро се справува“. Останува да се види дали оваа поддршка ќе му помогне или ќе му пречи во либералниот град.
Како и Трамп, Прат е политички аутсајдер. Иако има диплома по политички науки, никогаш не извршувал јавна функција.











