Меѓународната конференција „Траумата во литературата“ ќе се одржи на 13 и 14 мај, во „Јуроп хаус“ – Скопје. Конференцијата е дел од научноистражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука.

Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен што се проучува низ различни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и на културолошките студии.

Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и од странство имаат можност заедно да работат на значајниот научноистражувачки проект „Траумата во литературата“, под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфаќаат широк спектар на теми: миграциите, егзилот, воените конфликти, природните катастрофи, климатските промени, транзициските процеси, насилството, телесните тортури, менталните нарушувања, трансгенерациските трауми, табуата и други.

Конференцијата „Траумата во литературата“ ќе се отвори на 13 мај во 9:30 часот со поздравно обраќање на: д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература; д-р Ана Мартиноска, раководителка на проектот и д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука на РС Македонија.

Научните трудови што ќе бидат презентирани во текот на двата конференциски дена (13 и 14 мај) ќе понудат толкување на репрезентацијата на личната, колективната и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност — од средниот век, преку народната литература и XIX век, сѐ до современата книжевна продукција. До крајот на годината се очекува да биде објавен и зборник на трудови, како финален резултат од научноистражувачкиот проект „Траумата во литературата“.

ИЗДВОЕНИ