Во јуни нема да има нова пониска цена на струјата

Од Регулаторната комисија за енергетика најавија дека, најверојатно, во јуни нема да се менува цената на струјата и ќе остане иста до крајот на годинава. Причината е што досега не пристигнало ниту едно барање од енергетските компании, кои ќе треба да ги анализираат, а ќе немаат време за тоа. Од политичката партија Левица бараат намалување на цената на струјата за домаќинствата, согласно со намалените трошоци за производство и набавка. Но, од надлежните институции засега нема најава дека ќе се случи тоа

717

Согласно со методологијата за определување цени, најдоцна до ноември е рокот до кога се поднесуваат барања за цените за пренос – МЕПСО и дистрибуција на електрична енергија – Електродистрибуција, како и за организирање и управување на пазарот на електрична енергија – МЕМО.

И покрај тоа што се очекуваше да се намали цената на електричната енергија поради зголеменото производство, сепак нема да се случи тоа. Од Регулаторната комисија за енергетика најавија дека, најверојатно ,во јуни нема да се менува цената на струјата и ќе остане иста до крајот на годинава. Досега практиката беше Регулаторна да ја одредува цената на струјата двапати годишно: на крајот на јуни, која почнува да важи од 1 јули, и на крајот од декември, која почнува да важи од 1 јануари.

Од Регулаторната комисија велат за весникот ВЕЧЕР дека нема да се менува цената на струјата во јуни годинава, а причината е што досега не пристигнало ниту едно барање од енергетските компании, кои ќе треба да ги анализираат, а ќе немаат време за тоа.

– Во моментот, во РКЕ нема пристигнато ниту едно барање со трошоци од компаниите што ги регулираме. Согласно  со методологијата за определување цени, до ноември најдоцна е рокот до кога се поднесуваат барања за цените за пренос – МЕПСО и дистрибуција на електрична енергија – Електродистрибуција, како и за организирање и управување на пазарот на електрична енергија – МЕМО – изјавија од РКЕ за весникот ВЕЧЕР.

Сепак, од Регулаторна велат дека е можно продолжување на времетраењето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, но дека сè уште се прават анализи дали е исплатливо да се продолжи за еден или два часа периодот што е сега на сила, односно од 13:00 до 15:00 часот.

– Во тек се анализи, трендот е јасен: дека во периодот од 12:00 до 17:00 часот цените на електричната енергија се далеку пониски од оние што се во периодот од 19:00 до 00:00 – додаваат од РКЕ.

Од опозицијата обвинуваат дека граѓаните очекувале постабилно производство и пониска цена на струјата, но не го добиле ни едното ни другото.

– ЕСМ, како најголем производител, потфрлило цели 35 отсто од својот план за производство за 2025 година, кој му беше преамбициозен. Граѓаните, по една година, очекуваат конкретни одговори на прашањата поврзани со изградбата на новите енергетски проекти, кои ги најавуваа во својата партиска платформа „1.198“, меѓутоа не добија никаков одговор, туку распад на системот – соопштуваат од СДСМ.

И од политичката партија Левица бараат намалување на цената на струјата за домаќинствата, согласно со намалените трошоци за производство и набавка, измени на тарифникот со цел враќање на регулаторната улога на РКЕ при утврдувањето на цената на струјата, целосна транспарентност во методологијата на утврдување на цените и покачување на граничната вредност на првиот блок во високата тарифа од 210 на 270 kWh месечно.

– Производствената цена на електричната енергија е намалена од страна на ЕСМ за 10 отсто, во првиот квартал од 2025 година. Според РКЕ, токму продажната цена на ЕСМ има најголемо влијание врз крајната цена за домаќинствата и учествува со околу 35 отсто. Оттука, кога, според тарифникот, се намалени трошоците за набавка за над 5 отсто, треба да се намали и крајната цена на струјата за потрошувачите. Определувањето на цената на струјата за домаќинствата РКЕ му го има препуштено на ЕВН, со измените на тарифникот од 2023 година. Со овие измени, РКЕ има улога само во проверка на усогласеноста со тарифниот систем, без реална можност за влијание врз предлог-цените. Во ваков модел, потрошувачите се оставени без реална институционална заштита во рацете на монополот ЕВН, иако РКЕ формално останува со надлежност за заштита на интересите на потрошувачите – велат од Левица.

Поради тоа, прашуваат зошто кога се исполнети условите за намалување на цената на струјата, нема најава од надлежните дека ќе се случи тоа.

Инаку, последната промена на цената на електричната енергија се случи на крајот од минатата година, кога просечната цена на струјата за домаќинствата од 1 јануари се зголеми за 0,92 проценти. Во првиот блок, зголемувањето беше 0,68 проценти, во вториот поскапи за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, а во четвртиот – за 2,24 проценти, додека во евтината тарифа за 0,9 проценти.

(А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ