Дете помало од две години стана најмладата позната личност во светот што починала по евтаназија, според извештајот на холандската комисија.
Детето, чиј пол не е објавен, страдало од тешко оштетување на мозокот, церебрална парализа, епилептични напади и проблеми со дишењето. Исто така, имало чести инфекции што довеле до сепса. Според извештајот, неговата состојба била исклучително сериозна без изгледи за подобрување. Иако имало речиси две години, неговиот развој бил на ниво на бебе старо околу шест недели, пишува „Телеграф“.
По неколку експертски процени, докторот и родителите одлучиле да го прекинат животот на детето. Евтаназијата била извршена со постепено заспивање со лекови што предизвикуваат кома. Во Холандија, евтаназијата на терминално болни деца на возраст од една до 12 години е дозволена под строго пропишани услови. Потребно е детето да претрпи неподносливо страдање, да не постои реална можност за закрепнување и родителите да бидат вклучени во одлуката.
Пред ова, најмладиот познат случај на детска евтаназија беше деветгодишно дете од Белгија.












