На средбите во Вашингтон, македонската делегација ќе ги претстави економските политики и реформските приоритети, со акцент на одржување на макроекономската стабилност и справување со инфлаторните притисоци. Во фокусот се и активностите за модернизација на јавните финансии, дигитализација на системите и зајакнување на институционалните капацитети. Паралелно, се продлабочува соработката со меѓународните партнери, особено со Трезорот на САД, во насока на развој на пазарите на капитал и поефикасно управување со јавниот долг. Се очекува овие активности да придонесат за поголема стабилност и одржлив раст на домашната економија.

 

Делегација од Република Македонија, предводена од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, учествува на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, каде во фокусот се глобалните економски текови, како стабилноста и реформите во домашните јавни финансии.

Во состав на делегацијата се и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, а предвидени се повеќе средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции. На состаноците со раководството на ММФ ќе се разговара за тековните економски состојби, спроведувањето на монетарната политика, како и за мерките за стабилизација на инфлацијата и одржување на макроекономската стабилност.

Посебен акцент на средбите ќе биде ставен и на влијанието на геополитичките случувања врз економијата, економскиот раст и финансиските пазари, како и на процесите на дигитализација во финансискиот сектор. Делегацијата ќе учествува и на состаноци со одделите на ММФ за статистика и монетарни и капитални пазари, како и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде ќе се разгледуваат заедничките предизвици.

Паралелно, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска оствари работна средба со претставници на Трезорот на САД, при што беше потврдена континуираната соработка во насока на унапредување на управувањето со јавните финансии и модернизација на институционалните капацитети.

Во фокусот на разговорите со американскиот Трезор беше напредокот на проектите за техничка помош, особено во делот на управување со јавниот долг, развојот на пазарот на државни хартии од вредност, како и реформите во даночната и царинската администрација. Беше истакната и важноста од зајакнување на системите за финансиски надзор и борба против финансиски криминал.

Особено внимание беше посветено на развојот на новата платформа за аукции на државни хартии од вредност, која треба да обезбеди поефикасно, транспарентно и современо управување со јавниот долг. Според министерката, техничката соработка со Трезорот на САД претставува клучен двигател за модернизацијата на јавните финансии и развојот на капиталните пазари во земјата.

На средбата беше нагласена заедничката заложба за продлабочување на партнерството и поддршка на реформските процеси, кои имаат за цел поголема фискална стабилност, ефикасност и долгорочен економски раст.

Пролетните средби на Светската банка и ММФ се еден од најзначајните глобални економски настани, на кои носителите на економските политики од целиот свет ги усогласуваат ставовите за клучните предизвици и идни насоки на глобалната економија.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ