Од САД и Италија до Србија, Босна и Данска, „Добри луѓе“ продолжува да предизвикува размислувања за сведоштвата на преживеаните од трагедијата во Кочани, за жртвите и хероите, но и за специфичниот, воздржан и радикално минималистички пристап на Манчевски кон документарното раскажување
По светската премиера на документарецот„Добри луѓе“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал, меѓународните медиуми продолжуваат со пофалбите. Први објавија „Варајати“, „Синеуропа“ (која вели за филмот дека „го прогонува гледачот“) и бројни регионални медиуми, но интересот за филмот не стивнува. Напротив, објавени се нови критички осврти и текстови посветени на филмот. Од САД и Италија до Србија, Босна и Данска, „Добри луѓе“ продолжува да поттикнува размислувања за сведоштвата на преживеаните од трагедијата во Кочани, за жртвите и хероите, но и за специфичниот, воздржан и радикално минималистички пристап на Манчевски кон документарното раскажување.
Емануеле Бучи вели: „Прекрасен, радикален, полн со човечност, речиси трансцендентен во својата суштинска едноставност“. Во својот осврт во „Фрејмд магазин“ пишува: „Гледањето на ‘Добри луѓе’ би можело да ги вознемири дури и обожавателите на македонскиот режисер (добитник на ‘Златниот лав’ и номиниран за ‘Оскар’ за ‘Пред дождот’). Не само поради ужасната приказна што ја раскажува туку и затоа што овој пат режисерот, работејќи на овој филм, радикално се преиспитува себеси, пред сè од формален аспект. Тука нема да ги најдеме сложените игри со различни временски слоеви, жанровското преплетување или мрачната иронија карактеристични за другите дела на Манчевски. Неговата цел, при реконструкцијата на потресните часови на пожарот во ноќниот клуб ‘Пулс’, била да ги раскаже приказните на преживеаните и на сведоците на аскетски, минималистички начин, дозволувајќи им ним да зборуваат наместо тој да ја раскажува нивната приказна. Тоа не значи дека погледот и поетиката на Манчевски не излегуваат на површина од таквиот пристап, сведен на најнеопходното. Напротив, ‘Добри луѓе’ е еден од филмовите во кои најјасно доаѓа до израз постојаната определба на режисерот да поаѓа од луѓето (или ликовите кога станува збор за фикцијата) наместо од каква било естетска, етичка, општествена или политичка елаборација на нивното искуство. Тука, оваа позиција на слушање станува уште понагласена и порадикална, давајќи ни портрет на една заедница соочена со ужас, чие евоцирање далеку ги надминува границите на новинарското известување“.

Ивана Вељковиќ за „Српске новине“ пишува: „Филмот на Милчо Манчевски е направен во период кога луѓето обично молчат, а токму молкот е методот околу кој режисерот го изградил целиот филм. Манчевски го ставил настрана својот најпрепознатлив потпис – испреплетените временски линии и приказните што се затвораат во круг – и наместо тоа, избрал аскетски пристап: монолози, лица, текст на екран и многу малку музика. Кратко и без украси. Режисерскиот пристап овде, всушност, е одбивање на пристапот. Филмаџиите се учат да ја засилуваат емоцијата, вели Манчевски, а во овој случај тој намерно го направил спротивното. Тоа е естетски избор што носи ризик: филм без засилување лесно може да го загуби ритамот. Она што го држи филмот е монтажата, начинот на кој се распоредени сведоштвата за од поединечните приказни да се изгради поширока слика, во комбинација со доследната одлука авторот да остане надвор од кадарот“.
Во „Камо сутра“ се вели: „Милчо го интересирале луѓето. Не сензацијата. Не политичката интерпретација. Не манипулацијата со емоциите. Како што вели, овој филм е документ, но без политика и пропаганда, искрен обид искуствата на луѓето да бидат пренесени онака како што навистина ги доживеале. Манчевски зборува за потребата да научиме да ја препознаваме добрината кај луѓето што нè опкружуваат“.
Александра Држаиќ за српски „Данас“, во својот осврт за филмот под наслов „Филм за трагедијата во Кочани по кој во салата владееше штама“, вели: „’Добри луѓе’ почнува речиси спротивно од она што го очекува гледачот. На екранот се кочанските оризови полиња, кадар од воздух, кој изгледа речиси нереално убаво. Нема пожар, нема чад, нема паника. А потоа, боите почнуваат да исчезнуваат. Филмот влегува во просторот на сеќавањето преку лицата на луѓето што ја преживеале трагедијата, преку родителите што ги загубиле своите деца и преку оние што во ноќта на пожарот влегувале во клубот за да се обидат да ги извлечат другите“.
Уредничката Александра Ќук од „Данас“, пак, истакнува: „Лицата и зборовите на луѓето од филмот и понатаму непрестајно ми се вртат во глава. Мозокот се обидува да го процесира и да создаде претстава за тој буквален пекол во кој се нашле тие луѓе и за кој зборуваат.”
Италијанскиот „Лучи сула шчене магазин“ вели: „Камерата исчезнува за да им дозволи на преживеаните да проговорат”.
Филмот е финансиран лично од Манчевски, без учество на Агенцијата за филм или државата, а сите приходи одат за Кочани.
Македонската премиера ќе биде на 23 август, на фестивалот „Македокс“ во Скопје. Ден претходно, на 22 август, во 18:00 часот, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани филмот ќе ја има првата македонска проекција, за која влезот е слободен.












