Во Италија лошиот избор на обувки на планинарските патеки може скапо да ве чини, а казните достигнуваат и до 2.500 евра.
Во некои популарни туристички дестинации се воведени строги правила за обувки, а казните за несоодветна опрема можат да бидат многу високи. Ова особено се однесува на познатиот крајбрежен регион Cinque Terre. Спектакуларните пешачки патеки што ги поврзуваат живописните места привлекуваат илјадници туристи. Но, многумина ја потценуваат тежината на теренот.
Стрмните височинки, тесните премини и карпите ги прават овие патеки предизвикувачки дури и за поискусните планинари, поради што локалните власти редовно проверуваат дали посетителите носат соодветни обувки.
Под посебен надзор се апостолките, сандалите, влечките и секоја обувка со рамен или лизгав ѓон што не е наменета за планинарење.
Туристите што ќе бидат затекнати со такви обувки може да бидат казнети, а сумите се движат до 2.500 евра, во зависност од ситуацијата и процената на надлежните служби.
Целта на овие мерки, како што истакнуваат локалните власти, не е казнување на туристите, туку намалување на бројот на несреќи и интервенции на спасувачките служби.
Локалните служби предупредуваат дека поради несоодветни обувки, секоја година се бележат голем број незгоди.
Лизгања, падови и повреди на патеките често бараат интервенција на спасувачите, особено во летната сезона кога патеките се најоптоварени. Тоа дополнително ги оптоварува итните служби кои веќе се соочуваат со голем број туристи.
Што да облечете за вакви патеки?
За планинарски и понапорни пешачки патеки се препорачуваат стабилни обувки како планинарски чевли, патики за планинарење или спортски патики со квалитетен ѓон.
Ако планирате пешачење во Италија, добро е однапред да ги проверите локалните правила. Она што на фотографиите изгледа како лесна прошетка покрај море, во реалноста може да биде сериозна планинарска маршрута.
А, ако тргнете по апостолки, наместо разгледница од Италија, би можеле да понесете прилично непријатна казна, пренесува Bizlife.












