сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Внатрешна контрола утврди пропусти кај 39 полицајци за случајот со Ивана Јовановска

Внатрешна контрола утврди пропусти кај 39 полицајци за случајот со Ивана Јовановска

795

Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи утврдил сериозни пропусти во постапувањето на дури 39 полициски службеници кои биле вклучени во интервенции по пријави за семејно насилство поврзани со случајот на Ивана Јовановска.

Како што информираат од МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе доставил известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде ќе се утврдува понатамошната одговорност.

Случајот со Јовановска ја потресе јавноста откако таа заедно со својата шестгодишна ќерка го загуби животот по пад од зграда во скопската населба Карпош, а во јавноста излегоа информации дека претходно имало пријави за семејно насилство.

Според досегашните сознанија, полицијата била повикувана и непосредно пред трагедијата, по пријава за расправија меѓу сопружниците. Иако постоеле индиции за нарушени односи и потенцијален ризик, полициските службеници се повлекле откако Јовановска изјавила дека станува збор за недоразбирање.

Токму ова постапување е дел од предмет на внатрешната контрола, која сега констатирала пропусти кај голем број службеници, отворајќи прашања за тоа дали со навремена и соодветна реакција трагедијата можела да биде спречена.

Од МВР упатуваат дека за сите дополнителни информации во врска со предметот надлежно е обвинителството, кое ќе ја води понатамошната постапка.

 

 

ИЗДВОЕНИ