Граѓаните и натаму се жалат за преполни контејнери и за нередовно собирање на сметот. Влезот во Скопје од страната на Хиподром е цел на потсмев. Тој, всушност, е огледало на тоа како ни изгледа градот во внатрешноста. Граѓаните реагираат за насобраното ѓубре во контејнерите и за тоа каква слика се остава на оние што влегуваат во градот. Слична е состојбата не само со влезовите туку и со излезите на градот. Од Град Скопје велат дека целосно се запознаени со состојбите на терен и оти преземаат активности и постапуваат континуирано и без одложување. Во однос на изгледот на влезовите и излезите на градот, градските власти целосно се согласуваат со тоа дека тие се првиот впечаток за Скопје и токму затоа, како што велат, се дел од приоритетите во тековните активности. Велат дека акцијата за генерално чистење на градот, која започна на 18 март, 2026 година, од Општина Кисела Вода, ќе ги опфати и овие критични точки

 

Проблемот со нехигиената во Скопје и преполните контејнери никако да се реши. Граѓаните и натаму се жалат за преполни контејнери и за нередовно собирање на сметот.

Влезот во Скопје од страната на Хиподром е цел на потсмев. Тој, всушност, е огледало на тоа како ни изгледа градот во внатрешноста.  Граѓаните реагираат за насобраното ѓубре во контејнерите и за тоа каква слика се остава на оние што влегуваат во градот.

Велат дека бојот на згради е тројно зголемен, а бројот на контејнери е ист.

– Ништо не функционира ни во Општина Гази Баба ни на ниво на Град Скопје. Град депонија сме, ама затоа за удрени две метли први се за сликање. Имате ли намера да го собирате ѓубрето во Хиподром или повторно треба да се душиме во нечистотија? – прашуваат жители на Хиподром.

Слична е состојбата не само со влезовите туку и со излезите на градот.

Од Град Скопје велат дека целосно се запознаени со состојбите на терен и оти преземаат активности и постапуваат континуирано и без одложување.

– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ работат секојдневно, согласно со оперативен план, кој вклучува и трета смена, а на одредени локации отпадот се собира и по неколку пати во текот на денот. Во Хиподром и поширокото подрачје на Општина Гази Баба, станува збор за појава на диви депонии создадени од несовесни граѓани, и тоа претежно со градежен и кабаст отпад, кој не припаѓа во контејнерите за комунален отпад – образложуваат градските власти.

Притоа, потенцираат дека ваквите нелегални депонии биле отстранети уште во вторникот, при што биле исчистени две вакви локации.

– Паралелно со тоа, се спроведуваат засилени инспекциски контроли на терен и секој што ќе биде затечен како создава диви депонии ќе биде соодветно санкциониран – нагласуваат од Град Скопје.

Во однос на изгледот на влезовите и излезите на градот, градските власти целосно се согласуваат со тоа дека тие се првиот впечаток за Скопје и токму затоа, како што велат, се дел од приоритетите во тековните активности.

Од Град Скопје нагласуваат дека акцијата за генерално чистење на градот, која започна на 18 март 2026 година, од Општина Кисела Вода, продолжува интензивно во сите општини и ќе ги опфати и овие критични точки, со цел значително подобрување на хигиената и уреденоста на јавниот простор.

Апелираат до сите граѓани да се однесуваат совесно и одговорно кон животната средина, да го фрлаат отпадот согласно со пропишаните правила и да не се дозволи да биде нарушен заедничкиот простор од неодговорното однесување на поединци.

Градските власти додаваат дека ќе продолжат со засилените активности на терен, со инспекциските контроли, но потенцираат дека одржувањето чиста и уредна средина е заедничка обврска.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ