Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) предложила план за лажирање обид за атентат врз унгарскиот премиер, Виктор Орбан, со цел да го подобри неговиот рејтинг пред парламентарните избори во април, пишува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на европски разузнавачки документи.
Според весникот, една од единиците на руската СВР минатиот месец изразила загриженост за ненадејниот пад на јавната поддршка за Виктор Орбан пред претстојните избори. Во интерниот извештај на руските оперативци, добиен од европска разузнавачка служба, се наведува дека е потребно да се спроведе стратегија што би можела „фундаментално да ја промени целата парадигма на изборната кампања“ со организирање „обид за атентат“ врз унгарскиот премиер. Иако досега немаше вистински напади врз Орбан, „Вашингтон пост“ истакнува дека оваа информација го покажува обемот на рускиот удел во унгарските избори.
Портпаролот на Орбан, Золтан Ковач, не одговори на барањето за коментар за извештајот на СВР, можното руско мешање во изборите и за врските на премиерот со Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „дезинформации“.












