Европските енергетски пазари се соочуваат со сериозен ценовен притисок, но Владата најавува мерки за заштита на домашниот пазар од нови поскапувања. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека цените на горивата и струјата ќе се задржат на сегашното ниво, и покрај растот на цените на енергенсите во Европа. ЕСМ ќе понуди иста цена на струјата како лани, а Владата најавува нов модел за стабилизирање на енергетскиот сектор. Сепак, конечната цена на сметките за струја ќе зависи и од трошоците за пренос и дистрибуција.

 

Состојбата во Европа е алармантна, а цените на енергенсите се значително повисоки во споредба со тој период минатата година, истакна премиерот Христијан Мицкоски, уверувајќи дека Владата прави сè што е во нејзина моќ за Македонија да ги задржи ниските цени на горивата и електричната енергија и покрај неповолните движења на европските енергетски пазари.

– Правиме сè за да останеме земја со убедливо најниски цени на горивата, струјата и на греењето во Европа – порача Мицкоски при посетата на Општина Гази Баба.

Тој посочи дека од втората половина на август е забележан континуиран раст на цените на берзите, при што електричната енергија во одредени периоди достигнувала и 400-500 евра за мегават-час. Како причини за ваквата состојба ги наведе проблемите со производството од нуклеарните централи, нискиот водостој и намалените количества гас во складиштата.

Во однос на домашното снабдување со електрична енергија, премиерот најави дека АД ЕСМ на јавниот повик на „ЕВН Хоум“ ќе достави понуда со иста цена од 65 евра за мегават-час како и минатата година, без барање за поскапување.

– Што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување, но не можам да го кажам тоа за приватните субјекти – нагласи премиерот, посочувајќи дека приватните компании самостојно ги утврдуваат своите ценовни политики.

Мицкоски откри и дека Владата, заедно со АД ЕСМ, подготвила нов бизнис-модел со кој државната компанија ќе ја задржи цената на електричната енергија на исто ниво, а истовремено ќе цели кон остварување профит до крајот на 2027 година. Тоа, според него, е модел што допрва треба да покаже дали ќе функционира во услови на нестабилни енергетски пазари.

Најавата се однесува на цената по која ЕСМ му продава струја на ЕВН Хоум, а не на конечната цена што ја плаќаат домаќинствата. На сметките од 1 јануари ќе влијаат и трошоците за пренос и дистрибуција, кои се разгледуваат во Регулаторната комисија за енергетика.

(С.Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ