Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која, од ноќеска по полноќ, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемија во просек за 0,40 проценти во однос на претходната пресметка од 20 април.

Со новата одлука, максималните малопродажни цени изнесуваат: еуросупер БС-95 чини 82,50 денари за литар, еуросупер БС-98 се продава по 84,50 денари за литар, еуродизел БС (Д-Е V) по 91,50 денари за литар, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) чини 96,00 денари за литар, додека мазутот М-1 НС е 46,656 денари за килограм.

Од РКЕ појаснуваат дека бензините поскапеа за 2 денари по литар, дизелот поевтини за 2,50 денари, екстра лесното масло се намали за 1 денар, додека мазутот поскапи за 0,368 денари по килограм. Се нагласува дека овие цени се максимални и трговците можат да формираат и пониски малопродажни цени.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со разговори со нафтената компанија ОКТА за евентуално продолжување на попустите на горивата и во мај. Тој истакна дека во текот на оваа недела ќе се отворат разговорите со компанијата и со Министерството за енергетика. Според него, Владата и понатаму ќе се обидува да одржи стабилни цени и да спречи ценовни шокови, како дел од мерките за справување со енергетската криза.

– Ќе разговараме оваа недела со ОКТА и ќе направиме сè што е во рамките на можностите да продолжи попустот – изјави премиерот.

Тој додаде дека Владата, преку досегашните мерки, успеала да ги задржи цените на горивата на стабилно ниво и да избегне поголеми инфлациски притисоци, споредувајќи ја состојбата со 2022 година кога, како што рече, имало значителни ценовни шокови.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ