Македонската заедница во Швајцарија повторно ќе ја слави својата традиција, култура и гастрономија преку јубилејното издание на Фестивалот на македонската храна.
В сабота, со почеток во 18 часот, во градот Ешалан, Швајцарија, ќе се одржи 25. фестивал што со години ја промовира македонската кујна како еден од најпрепознатливите симболи на националниот идентитет.
Настанот е во организација на Македонско добротворно друштво „Македонија“ од Ешалан. Фестивалот веќе четврт век претставува значаен културен и гастрономски настан за македонската дијаспора во Швајцарија, но и можност швајцарската публика поблиску да се запознае со вкусовите и со традициите од Македонија.
Во центарот на фестивалот ќе биде богатата македонска трпеза, подготвена од дури 40 македонски готвачи кои со љубов и гордост ќе ги претстават традиционалните рецепти пренесувани од генерација на генерација. Посетителите ќе имаат можност да пробаат разновидни салати, домашни печива, традиционални готвени јадења и десерти, подготвени според автентични рецепти.
Готвачите велат дека секое јадење носи своја приказна и дел од македонската традиција, а целта на фестивалот е преку храната да се споделат културата, гостопримството и духот на Македонија.
Организаторите очекуваат и оваа година фестивалот да помине во одлична атмосфера со полни трпези, многу гости и дружење, како што тоа се случувало во изминатите 24 години. Поканата е упатена до сите Македонци во Швајцарија, нивните пријатели, како и до швајцарската публика која сака да ги запознае мирисите и вкусовите на македонската кујна.
– Ќе имаме чест пред швајцарските гости да ја претставиме Македонија преку богатството на традиционалната македонска кујна, квалитетните македонски вина и нашето познато гостопримство. Да ја споделиме македонската трпеза со нашите швајцарски пријатели и заедно да уживаме во вкусот на традицијата, пријателството и добрата атмосфера – велат од Македонско добротворно друштво „Македонија“.












