четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ На светот му се заканува глад – преку Ормускиот Теснец, освен петтина...

На светот му се заканува глад – преку Ормускиот Теснец, освен петтина од светската нафта, доаѓа и петтина од ѓубривата

985
EPA/DAI KUROKAWA

Последиците од војната со Иран претставуваат трет голем ризик за глобалната безбедност на храната во последните шест години, по пандемијата на ковид-19 и запленувањето земјоделско земјиште и пристаништа што се користат за извоз на украинско жито од страна на Москва, на почетокот од украинската војна во 2022 година, анализира ДВ. Колку подолго останува затворен Ормускиот Теснец за комерцијален превоз толку повеќе ќе бидат нарушени глобалните синџири за снабдување со ѓубрива, предупредуваат аналитичарите

 

Поради конфликтот со Иран, трошоците за енергија и за вештачки ѓубрива се зголемија, што предизвикува загриженост за евентуално зголемување на цените на храната. Земјоделците се подготвуваат за недостиг на ресурси, кој би можел да ги намали и приносите.

Земјите од Персискиот Залив учествуваат со 20 проценти во глобалната трговија со клучни ѓубрива како што се амонијакот, фосфатите и сулфурот, според податоците од „Сигнал груп“. Речиси половина од светската трговија со уреа, најчесто користеното азотно ѓубриво, доаѓа од регионот на Персискиот Залив, а само Катар обезбедува една десеттина од глобалната понуда, според „Блумберг интелиџенс“. Минатата недела, кога го прекина „Катар енерџи“ производството по нападите на Иран врз Рас Лафан, најголемиот центар за течен природен гас и ѓубрива во светот, стотици илјади тони клучни хранливи материи и прекурсори на ѓубрива одеднаш беа блокирани, пишува „Дојче веле“.

Последиците од војната со Иран претставуваат трет голем ризик за глобалната безбедност на храната во последните шест години, по пандемијата на ковид-19 и запленувањето земјоделско земјиште и пристаништа што се користат за извоз на украинско жито од страна на Москва, на почетокот од украинската војна во 2022 година. Од почетокот на овој последен конфликт, цените на ѓубривата се зголемија за 10 до 30 проценти, иако сè уште се околу 40 проценти пониски отколку во неделите по влегувањето на руските тенкови во Украина, анализира ДВ.

Според УНКТАД, околу 1,33 милиони тони ѓубриво се извезуваат преку Ормускиот Теснец секој месец. Ова значи дека 30-дневната блокада на теснецот може да предизвика недостиг и ризици за приносите на културите зависни од азот, како што се пченката, пченицата и оризот.

– Повисоките цени ќе влијаат на изборот на култури. Земјоделците би можеле да изберат култури на кои им е потребно помалку ѓубриво – изјави за ДВ Џозеф Глаубер од Институтот за истражување на меѓународната прехранбена политика (ИФПРИ) со седиште во Вашингтон, додавајќи дека земјоделците, особено во посиромашните земји, би можеле едноставно да ја намалат вкупната употреба на ѓубрива, што би им наштетило на приносите.

Колку подолго останува затворен Ормускиот Теснец за комерцијален превоз толку повеќе ќе бидат нарушени глобалните синџири за снабдување со ѓубрива, предупредуваат аналитичарите. Холандската банка ИБГ изјави дека продолжениот прекин „значително ќе ја намали достапноста на ѓубрива“ во регионите што се најзависни од увозот, како што се Бразил, Индија, Јужна Азија и делови од ЕУ. Другите големи производители на ѓубрива, Русија, Кина, САД и Мароко, не може брзо да го компензираат недостигот зашто имаат ограничен капацитет. Кина воведе ограничување на извозот на фосфатни и на азотни ѓубрива, но сега може да биде под притисок да го ублажи.

– Азотот може да се произведува секаде каде што има природен гас или јаглен, но високата цена на природниот гас создава проблем, бидејќи зголемувањето на производството би било неекономично – истакнува Глаубер.

Освен ѓубривата, нафтата директно ја обликува цената на храната – таа ги напојува земјоделските машини, камионите, преработката и ладењето. Секоја фаза од производството на храна сега е изложена на зголемените цени на енергијата.

– Енергијата индиректно учествува со околу 50 проценти во цената на храната. Откако доживеаја земјите висока инфлација на храната во 2023/2024 година, цените не паднаа, само стапката на раст се забави – вели Глаубер.

ДВ наведува дека човечката „цена“ од војната најмногу ќе ја сносат најсиромашните земји и земјите најизложени на увоз.

ИЗДВОЕНИ