петок, ноември 13, 2026
Дома КУЛТУРА „Чија си“ го чува музичкото наследство на Славе Димитров за идните генерации;...

„Чија си“ го чува музичкото наследство на Славе Димитров за идните генерации; Промовирана книгата на Максим Ристески за македонскиот композитор и пејач

1

Авторизираната биографија на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, Славе Димитров, „Чија си“, напишана од Максим Ристески, е хроника на животниот и творечкиот пат на музичарот чии песни со децении се дел од нашата колективна меморија

Точно 55 години по премиерната изведба на антологиската песна „Чија си“ од Славе Димитров на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, вчеравечер, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана книгата „Чија си“. Авторизираната биографија на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, Славе Димитров, напишана од Максим Ристески, е хроника на животниот и творечкиот пат на музичарот чии песни со децении се дел од нашата колективна меморија. Во издание на „Арс либрис“, дел од издавачката куќа „Арс ламина“, книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80 години од раѓањето на Славе Димитров (1 јуни 1946, Битола) и шест децении од почетокот на неговото творештво.

– Станува збор за исклучителен талент, дар од Бога, човек што, следејќи ја својата ѕвезда водилка – љубовта, стигнал таму каде што посакувал. Има ли побајковита приказна за еден животен пат? „Чија си“ е прекрасна книга, вистински документ за македонската култура. Познавајќи го Славе, знам дека имаше неверојатна дарба да препознае талент и внимателно избираше кому ќе му подари песна. А замислете, некому да му ја довери целата своја животна приказна! Тоа мораше да биде токму Максим. Тој ја создаде оваа книга како своевидна хагиографија – посвета на еден подвижник на македонската култура, уметност и совест. Ќе се изненадите колку многу познати композиции од телевизијата, филмот, современата музичка продукција, па дури и од детската музика, се негово дело. Во една пригода го прашав неговиот син Оливер: „Добро, кога и како успеал татко ти да ги напише, компонира и да ги испее сите овие песни? Под какво опојно дејство беше?“ А тој ми одговори: „На љубов, Гиш, на љубов!“ – истакна Сашо Гигов-Гиш, кој заедно со проф. д-р Александар Трајковски ја промовираше книгата.

Трајковски, пак, нагласи дека биографијата претставува значаен придонес во документирањето на македонската забавна музика и во зачувувањето на музичкото и културното наследство.

– Славе Димитров е една од круцијалните алки во развојниот пат на македонската музичка сцена, позициониран во самиот нејзин врв. Неговиот придонес е севкупен – во компонирањето, аранжирањето, изведувањето, организирањето и продуцирањето, оставајќи длабоки и неизбришливи траги во колективната меморија. Зад себе остави близу 1.000 песни, секоја со своја специфична приказна. Особено би го издвоил неговиот придонес во македонската филмска музика. Со музиката за филмот „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, Димитров остави значајна трага, подарувајќи ни ги извонредните песни „Делфина“ и „Каде, песно моја“. Неговата музика не само што ја следи филмската драматургија туку и создава хомогена целина со приказната и со ликовите – посочи тој.

Авторот Максим Ристески кажа дека идејата за пишување биографија за Славе Димитров постоела со години, а нејзината реализација се совпаднала со значајниот јубилеј – 80 години од раѓањето на музичарот.

– Идејата да напишам биографија на Славе Димитров постоеше со години, а нејзината реализација се совпадна со овој значаен јубилеј. Биографијата ја базирав на долги, снимени разговори со Димитров. Неговото огромно знаење и извонредно паметење, како и способноста да ги согледува настаните и личностите во пошироки општествени, културни и историски рамки, ѝ дадоа особена вредност на книгата. Неговите размислувања и толкувања имаа значително влијание врз начинот на кој ја градев приказната, но и врз моето разбирање на одредени настани и процеси. Особен впечаток ми оставија и неверојатните совпаѓања што го следеле уште од детството и младоста и му помагале да надмине навидум непремостливи пречки на својот музички пат. Некои од нив, додека работев на биографијата, ги доживував речиси како интервенции на некаква виша сила, како да постоела решеност да не бидеме лишени од она што требало да ни го подари овој музичар со својата извонредна дарба – кажа Ристески меѓу другото.

На крајот од промоцијата се обрати и Славе Димитров, кој со емоции се осврна на почетоците на својата музичка приказна.

– Во текот на мојата кариера, имав можност да соработувам со многу драги и значајни автори, меѓу кои Гоко Ѓеоргиев, Благој Стефановски, Васил Пујовски, Ацо Шопов, Блаже Конески и многу други. Мојата музичка приказна почна кога бев матурант во Битола. Тогаш ја испратив мојата песна „Твоите очи“ на фестивалот во Суботица, со надеж дека ќе допре до некое срце. И навистина, допре. Оттаму почна мојата кариера, која продолжи сè до моето пензионирање. Гледано наназад, мислам дека се остварив како автор, композитор, аранжер и музички соработник. Успеав да го реализирам она што го замислував и посакував. Во оваа книга се опфатени најзначајните моменти, достигнувања и успеси од мојата кариера. На младите музичари би им порачал да создаваат музика што ќе допре до срцата на луѓето. Да бидат блиски до публиката, да создаваат за сите, а не само за себе – рече Димитров.

Во чест на 80-годишнината од раѓањето на Славе Димитров, на 28 ноември, во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Од Евридика до Чија си“ на Националниот џез- оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин. На концертот ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Димитров во нови оркестарски аранжмани, со учество на повеќе музички изведувачи.

ИЗДВОЕНИ