Случката со животното за кое се претпоставуваше, а и навистина се покажа дека е волк, и за кое, исто така, се претпоставуваше дека е чувано во домашни услови, го наметна прашањето колку е опасно, но и дозволиво кај нас, чувањето диви животни дома. Ова прашање е регулирано со Законот за заштита на природата, каде што во членот 32 се наведува дека е забрането чување и одгледување диви животински видови во несоодветни услови, во заробеништво.

– Таа дозвола ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, која ги проверува минималните услови за живеење на животното. За да се добие таа дозвола, треба да се исполнат сите наведени услови пропишани во Законот за заштита на природата – дециден е главниот инспектор за заштита на природата во Државниот инспекторат за животна средина, Пејо Кировски

 

Случката со животното за кое се претпоставуваше, а и навистина се покажа дека е волк, и за кое, исто така, се претпоставуваше дека е чувано во домашни услови, го наметна прашањето колку е опасно, но и дозволиво кај нас, чувањето диви животни дома.

Ова прашање е регулирано со Законот за заштита на природата, каде што во членот 32 се наведува дека е забрането чување и одгледување диви животински видови во несоодветни услови во заробеништво. Додека, пак, според Законот за заштита и благосостојба на животните, забрането е користење диви животни во циркуски и слични претстави, забрането е држење, одгледување и размножување диви животни наменети за користење во циркуски и слични претстави.

За непочитување на забраната од Законот за заштита на природата, глобата е во висина од 3.000 евра во денарска противвредност за правното лице доколку чува автохтони или алохтони диви видови во заробеништво без дозвола или чува автохтони диви животински видови во несоодветни услови во заробеништво. Воедно, глоба во износ од 8.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице за прекршок доколку чува алохтони диви животински видови што може да предизвикаат опасност за животот и здравјето на луѓето, додека за физичките лица – и до 800 евра во денарска противвредност.

Пејо Кировски, главен инспектор за заштита на природата во Државниот инспекторат за животна средина, објасни дека во Законот за заштита на природата е предвидена дозвола за чување диви животни во заробеништво.

– Таа дозвола ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, која ги проверува минималните услови за живеење на животното. За да се добие таа дозвола, треба да се исполнат сите наведени услови пропишани во Законот за заштита на природата – дециден е Кировски.

За конкретниот случај со волкот, кој беше најден во вторникот вечерта, во Козле, со каивче и синџир на вратот, што, како што наведоа од скопската Зоолошка градина, укажувало на тоа дека било чувано животното како милениче, Кировски вели дека денеска ќе направи уште еден вонреден инспекциски надзор за неговата моментална фактичка состојба, односно, како што кажа, дали му се знае потеклото, кој го чувал итн. Засега тој сè уште нема податоци за тоа каде било чувано и кој го чувал.

Волкот засега останува во Зоолошката градина и е во карантин.

– За ваквите случаи треба да постои прифатен центар за одземени и ранливи животни, но во нашата држава нема таков – категоричен е Кировски.

Освен за чување животни, потребна е и дозвола за чување егзотични или заштитени животни обично се бара која ја издава исто така, Министерство за животна средина и просторно планирање, за што се потреби: доказ за легално потекло, CITES-документација со оглед на тоа што нашата држава ја има потпишано CITES-конвенцијата за нелегална трговија со диви животни, соодветен простор и ветеринарен надзор.

За тоа дека заловеното животно во Козле е волк, потврдија и од АХВ и од скопската Зоолошка градина.

– По детални проверки, процени и консултации со домашни и со странски експерти, потврдено е дека животното што беше заловено вчера, во населбата Козле, е волк, а не куче или мешанец.

Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои се уверија на самото место дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк. И самите го потврдија тоа. Животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби беше земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неисхранет и недоволно развиен за својата возраст – информираа од Зоолошката.

Оттаму додадоа дека биле и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои, исто така, биле уверени дека станува збор за волк (Canis lupus).

– Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добијат и меѓународна потврда и стручно мислење – тврдат од Зоолошката.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ