Откупот на винското грозје е во завршна фаза, а во меѓувреме расте и откупната цена на црвената пиперка. Државата подготвува кредитна линија од 794 милиони денари, односно околу 12,8 милиони евра, преку Развојната банка, со која треба да се поддржи ликвидноста на винарниците и на оризопреработувачите и да се обезбеди навремена исплата кон земјоделците.
Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, информира дека досега винарниците примиле и преработиле речиси 80 милиони килограми винско грозје, вклучително и сопственото производство. Дополнително, околу 13 милиони килограми грозје се извезени, со што вкупната количина од досегашната берба достигнува околу 93 милиони килограми.
Според Серафимовски, административните постапки за кредитната линија се во завршна фаза. Средствата треба да им помогнат на преработувачите полесно да ги сервисираат обврските и навреме да ги исплатат лозарите за откупеното грозје. Кредитната линија ќе биде достапна и за преработувачите на ориз.
Во секторот на црвената пиперка, пак, се бележат раст на откупната цена и континуитет во откупот и во извозот. Во Прилепскиот Регион, просечната откупна цена на сортата куртовска капија достигна околу 25 денари за килограм при предавање во откупен центар.
Во Кривогаштани и Струмица досега се откупени вкупно 44 милиони килограми пиперка – 11 милиони килограми во Кривогаштани и 33 милиони во Струмица. Извозот достигна околу 15 милиони килограми, што е близу до минатогодишното ниво од 15,5 милиони килограми, а откупот и натаму продолжува.
Паралелно со откупот, продолжуваат и контролите во откупните центри. Комисијата за заштита на конкуренцијата проверувала како се формираат и менуваат цените, какви се условите за откуп и како се одвива тргувањето со пиперка и со јаболко. Според министерот, Комисијата утврдила индиции за можни прекршувања, а анализата продолжува.
Министерството, како што нагласи Серафимовски, нема да се меша во одлучувањето на Комисијата, но ќе продолжи да ги користи законските механизми за заштита на законитоста и фер пазарните односи.
За производителите на јаболко приоритет останува исплатата на финансиската поддршка од два денари за килограм за јаболкото од реколтата 2024 година, предадено до 30 јуни 2025 година. За оваа мерка се обезбедени околу 150 милиони денари.
Во тек се и разговори со оризопроизводителите и со преработувачите за откупната цена на оризовата арпа. Според Серафимовски, ставовите се приближени, а од кредитната линија од 794 милиони денари ќе се поддржи и откупот на оризова арпа и на грозјето вранец.
Во пресрет на есенските земјоделски активности, почнува и распределбата на картичките за „зелена нафта“. За оваа мерка се обезбедени 584 милиони денари, а поддршката е зголемена за 12,3 отсто, со цел да се намалат трошоците за гориво на земјоделците.
Серафимовски најави и нови правила за откуп на земјоделските производи. Предлог-законот предвидува писмени договори пред испораката, регистрирани откупувачи, однапред утврдени услови, евиденција и рокови за плаќање. Целта е земјоделците однапред да ги знаат условите под кои ќе го продаваат производот и да се зголеми одговорноста на сите учесници во откупот.
Измените во млечниот сектор, пак, предвидуваат ограничување на употребата на млеко во прав, реконституирано млеко и палмина маст во производството. Според Министерството, со ограничувањето на овие состојки се создава поголем простор за откуп на домашното сурово млеко и се зголемуваат стандардите за производите на пазарот.












